Објавени нови снимки од упадот во Конгресот на САД

од Nikola Popovski
362 прегледи

Нови снимки од упадот во Конгресот на САД за време на немирите на 6 јануари биле објавени на сослушувањето во Сенатот во врска со барањето да се отповика поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Снимките ги објавиле демократите за време на вториот ден од процесот на импичмент, барајќи отповикување на Трамп под обвинението за бунт.

За време на немирите во Вашингтон, приврзаниците на Трамп упаднаа во зградата на Конгресот, па затоа беа евакуирани конгресмени и сенатори, кои на заедничката седница разговараа за резултатите од претседателските избори.

Снимките ги покажуваат моментите на евакуација на членовите на Претставничкиот дом и Сенатот, меѓу нив и тогашниот потпретседател Мајк Пенс, лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер и републиканскиот сенатор Мит Ромни.

Ова се снимки од безбедносните камери, кои исто така покажуваат упад на демонстрантите кои носеле обележја на Трамп.

На снимките се гледа како демонстранти шетаат низ ходниците на конгресната зграда и ја повикуваат Ненси Пелоси, претседател на Претставничкиот дом од редовите на демократите.

Демократите претставија и полициска аудио-снимка, во која еден полицаец се слуша на радио дека „демонстрантите фрлаат метални шипки и огномет кон нив“.

Конгресменката Стејси Пласкет изјави дека маршот кон Капитол започна под влијание на Доналд Трамп и неговиот тим.

Претходно, Сенатот, кој го разгледува барањето за отповикување усвоен во Претставничкиот дом, одобри дека „судењето“ на Трамп е во согласност со Уставот на САД и може да се спроведе, додека републиканците ја оспорија неговата уставност затоа што Трамп повеќе не е во канцеларија

Сите демократи и шест републиканци гласаа за одобрување на судењето.

Слични содржини