Заев на седба со претставници на Здружението на Горанците

од Vladimir Zorba
197 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, имаше онлајн средба со Един Бајрами, претседател на Здружението на Горанците во Македонија и со претставници на здружението.

На состанокот се поздравени политиките на премиерот Заев и на Владата за изградба на Едно општество за сите граѓани.

Претседателот и членовите на Здружението на Горанците, за кое е соопштено дека е формирано пред две години во нашата држава, информираа дека имаат претставници од Горанците во нашата земја, но и од Косово и од Албанија и изразија определба за активен придонес во реформските процеси во државата. Тие информираа дека како луѓе од еснафот, главно угостители и занаетчии, во време на пандемијата имаат организирано хуманитарни активности со поделба на оброци за припадници на МВР, на мигранти и на деца без родители и дека ќе продолжат да дејствуваат во оваа хумана насока. Исто така беа истакнати и неколку културно-уметнички проекти, на чиишто подготовки веќе работи здружението.

„Горанците се одговорни и лојални граѓани на нашата држава и треба да бидат поддржани во изразениот интерес да придонесат во политиките и активностите за доброто на државата”, рече премиерот Заев.

На средбата беше договорено, во следниот период, да се работи на поголема вклученост на Горанците во општествено-политичкиот живот во земјава, како и за поддршка на посочените проекти од областа на културата. Исто така, разговарано е и за можноста за посета на областа Гора во Косово, каде, како што е соопштено, има изразен интерес од населението за средба со премиерот Зоран Заев.