Денес е поднесен обвинителен акт од страна на ОЈО до Кривичниот суд против 36 лица, од кои петмина се обвинети за продолжено кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување, а останатите 31 лице за поттик за извршување на кривичното дело.
Инаку се работи за лица вработени во Одделението за управни работи, Секторот за управно надзорни работи, Одделот за граѓански работи при МВР.
„Во периодот од 26.11.2019 до 19.05.2020 година, поттикнати од останатите обвинети, тие пополнувале барања за издавање возачка дозвола во кои внесувале невистинити податоци, ги пуштале во процедура, вршеле одобрување и издавале возачки дозволи. На овој начин тие им овозможиле на подносителите да се стекнат со возачки дозволи од Б категорија, иако не ги исполнувале условите за тоа, односно немале положено возачки испит.
За првоосомничениот, за кого во текот на претходната постапка беше определена мерка притвор, надлежниот јавен обвинител достави предлог за продолжување на притворот.
Со претходната постапка во овој предмет беа опфатени уште три лица вработени во Одделението за управни работи при МВР, но со направените проверки не се утврди дека тие презеле незаконити дејствија. Од тие причини, надлежниот јавен обвинител донесе решение за отфрлање на кривичната пријава против овие три лица“, се вели во соопштението.