Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, денес изјави дека остануваат отворени сите хипотези за потеклото на коронавирусот кој ја предизвика пандемијата.
„Покренати се некои прашања за тоа дали некои хипотези се отфрлени. Сакам да разјаснам дека сите хипотези се отворени и бараат понатамошно проучување“, рече Тедрос.
Тој додаде дека тимот сè уште работи на финалниот извештај и му се заблагодари на независниот тим експерти за, како што рече, „многу важната научна вежба во многу тешките околности“, пренесува „Гардијан“.
Тимот експерти кои го проучувале потеклото на вирусот во вторникот изјавија дека е „крајно неверојатно“ дека излегол од лабораторијата за вирусологија во Вухан, Кина и дека „тоа не е хипотеза за која тие веруваат дека подразбира понатамошно истражување“, потсетува британскиот весник.