„Веб-страницата „Vakcinacija.mk“ е достапна и на албански јазик. Досега 46.023 лица ја пополниле формата за искажување интерес за вакцинација, но тоа не значи и закажување на термин. „Мој Термин“ го утврдува датумот и часот за вакцинирање согласно фазите кои се содржат во Националниот план за имунизација на населението во земјава.“, објави утрово министерот за здравство, Венко Филипче.
Според него, во среда, вакцинацијата започнува со здравствените работници во модуларната болница на Клиничкиот центар во Скопје, која ќе работи од 8 до 20 часот.
„Вакцинацијата ќе се одвива на пет вакцинални позиции, а во тимовите за имунизација има медицински сестри и лекари. Модуларната болница ќе работи во две смени од 8 до 20 часот“, истакна министерот.
Вчера, во Северна Македонија пристигна првата пратка 4680 од вкупно 8000 фајзерови вакцини против КОВИД-19 од Република Србија. Во текот на денешниот ден ќе заврши и регуларната процедура во МАЛМЕД.
Министерот за здравство вчера на примопредавањето на вакцините, повтори дека во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.