„За неичистените улици со снег, градоначалниците ќе биде казнети од граѓаните на следните избори. Според мене, политичката одговорност е поефикасна од другата одговорност“, вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, на прашањето кој ќе ги казни градоначалниците, доколку некој граѓанин се лизне и повреди поради неисчистените улици.
Тој истакна дека „ние сме држава, стоиме на располагање за луѓето и од отсечените планински села, па доколку е потребно и со употреба на хеликоптери“.
Поради ниските температури, голомразица и остатоци од кашест снег, сообраќајот низ патиштата во државата утринава се одвива отежнато. Целосна забрана за сите видови мотрони возила има на патот меѓу селата Ранковце и Герман, а за неколку други патни правци има забрана за движење за тешки товарни возила, информираа од Авто-мото сојузот на Македонија утринава.
Од 09:10 часот утрово укината е забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Битола – Ресен, преку планинскиот премин Ѓавато, од 09:30 часот, исто така, укината е и забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Крива Паланка – граничен премин Деве Баир. Останува забраната за тешки товарни возила во правец од Дебар кон Струга, а во спротивната насока, укината е забраната.
Поради остатоци од снег на коловозот, забрани за тешки товарни возила има на патниот правец: Прилеп–Кавадарци, преку Плетвар, на патот Тетово–Попова Шапка има забрана за сообраќај за тешки товарни возила и автобуси, крак Маврово–Дебар забраната за сообраќај е за тешки товарни возила со приколка.