Заев: Ќе се отстрани се што е во заштитената зона околу Охридското Езеро

од Nikola Popovski
266 прегледи

„Ги почитувам определбите на сите во државата и исто така ги ценам и коментарите, но сите во еден глас треба да бидеме за почитување на законите и за заштита на Охридското Езеро и охридското крајбрежје“, истакна денес премиерот Зоран Заев на новинарско прашање во врска со изјавите на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, кој рече дека барањата на УНЕСКО се неприфатливи и граѓаните треба да ги легализираат бесправно изградените објекти.

„ Ќе превагнеме кон мегаломанско градење или кон планот за заштита според УНЕСКО и отстранување на сè што е во заштитена зона. Тоа е барање на граѓаните, кои скоро 100% се определени за заштита на Охридското крајбрежје според стандардите на УНЕСКО и мора да ги испочитуваме до крај. Нема да отстапиме од ова без разлика на сè“, изјави Заев.

Тој апелираше до трите општини (Охрид, Струга и Дебрца), кои спаѓаат под единствениот регион под заштита на УНЕСКО во земјава, да се почитуваат законите.

Според препораките на УНЕСКО во најновиот Нацрт-извештај, се вели дека пругата, автопатот, далноводот и гасоводот меѓу Македонија и Албанија треба да одат по иста траса во Струшкиот регион, како би се избегнало загрозување на уникатниот биодиверзитет и пејсажот заштитен од УНЕСКО. Притоа, посебно внимание во овој извештај се става на идното железничко и автопатско поврзување меѓу двете земји, за кое се бара да се градат во еден тунел под планината Јабланица.

Во однос на ваквите препораки од УНЕСКО, од ЈП за државни патишта информираат дека стручните лица-проектанти и ревиденти ќе ги разгледаат техничките возможни решенија за автопатот, при што ставовите на ова претпријатие ќе се презентираат на Работната група на ниво на Влада, а конечните ставови и координирањето во однос на инфраструктурните проекти на ЈП за државни патишта, ЈП за железничка инфраструктура, МЕПСО и Национални енергетски ресурси ќе го врши Владата и Националната комисија за УНЕСКО при Министерството за култура.

Од ЈП за државни патишта информираат дека во вториот квартал од 2021 година треба да започне рехабилитацијата на постојниот патен правец од Подмоље преку Струга до граничниот премин Ќафасан, со што конечно ќе се реши проблемот со оштетениот коловоз.

Во однос на изградбата на новиот автопат кон Ќафасан, прецизни рокови нема, но најпрво ќе се чека изработката на физибилити студија и проектната документација, како и обезбедувањето на финансиски средства за овој сегмент од Коридорот 8.

Слични содржини