Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во последната недела во периодот од 8 до 14 февруари, регистрирани се 2.232 нови случаи на Ковид-19 од 33 градови во државата, што претставува зголемување од 5.3% во однос на минатата недела.
„Согласно анализите од МАНУ, во последниот период се детектирани поголем број нови варијанти, кои претходно не беа присутни кај пациентите во нашата држава, што може да укажува на внес на нови случаи на ковид-19 од странство“, вели ИЈЗ.
Тестирани се вкупно 16.299 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 13.2%, во однос на минатата недела, се додава во извештајот на ИЈЗ.
„Процентот на позитивност се движи од 6.8 до 16.6%, просечно 12.9%. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години, 583 случаи или 26.1%. Голем број заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30 до 39, 416 или 18.6, од 40 до 49, 408 случаи или 18.3%, од 50 до 59, 379 или 17.0% и од 20 до 29 години 276 случаи, односно, 12.4%. Најмал број е регистриран кај децата од 0 до 9, 53 или 2.4% и од 10 до 19 години 117 случаи, односно 5.2 отсто“, стои во извештајот на ИЈЗ.
Пријавени се 43 смртни случаи од 14 градови, со намалување од 34,8%, во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 38 лица биле над 60 години, 4 лица на возраст од 50 до 59 години и едно лице на возраст од 40 до 49 години.
Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со КОВИД-19 за периодот од 8 до 14 февруари, 2021 година, како и кумулативната состојба во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје.