За 120 радија и телевизии, ќе се издвојат вкупно 50 милиони денари во рамки на петтиот пакет економски мерки, информираше на денешната прес конференција, премиерот, Зоран Заев.
Во рамки на тоа, радиодифузерите ќе бидат ослободено од плаќањето на концесија за нивните фирми.
„Водевме грижа за еднаквоста и рамноправноста. Терестријалниот предавател што го плаќаат околу 100.000 евра петте национални телевизии, вкупната вредност е 33,5 или 35 милиони денари, е сложен, комплексен пакет кој го градиме со заедничко договорање, во разговори со локалните, регионалните, националните медиуми, кабелските телевизии, со Здружението на новинари и асоцијациите на медиумите и на новинарите, за да добијат помош оние кои не добиле помош. Ќе имаме избалансираност. Сите кои ја имаат обврската кон АВМУ, државата да нема директен контакт или исплата на медиумите, ќе си плати на АВМУ, а АВМУ ќе ја замолиме како регулатор и оваа година, како лани, да ги ослободи радиодифузерите“, посочи Заев.
Оваа мерка следи, откако новинарите и медиумите се огласија и посочија дека се изложени и се ризична група во поглед на Ковид пандемијата.
„Трпите и директно зашто знаеме дека компаниите кога кратат, прво ги кратат маркетинг трошоците и знам дека е тешко да се преживее целиот овој период. Да оставиме овие денови разговорите да продолжат, верувам дека на тој начин медиумите ќе добијат соодветен приход повеќе зашто локалните и регионалните им плаќаат на кабелските оператори, не на А1 како терестријален додаток. Водевме грижа тоа рамноправно да се однесува на сите“, заклучи премиерот.