Македонија започнува со имунизација

од Берта Китинска
135 прегледи

Денеска  во модуларната болница на Инфективната клиника ќе започне имунизацијата.

Во првата група се здравствени работници кои се пријавиле, а на број се 4000, од кои 2000 се од главниот град.Тие ќе се вакцинираат со пристигнатите 4680 вакцини од Фајзер кои како донација ги испрати соседна Србија.

Започнува последната фаза во борбата со пандемијата

Почеток на вакцинацијата против ковид-19 во земјата е всушност почеток на последната фаза во борбата со пандемијата, изјави министерот за здравство Венко Филипче

Вакцинацијата почнува со здравствените работници кои работеле и работат со ковид-пациенти, а први ќе бидат вакцинирани здравствените работници од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Градската општа болница „8 Септември“, болницата во Козле и клиниките во состав на интерните клиники кои хоспитализираа пациенти.

Старт на вакцинацијата против ковид 19 во земјата е всушност почеток на последната фаза во борбата со пандемијата, истакна министерот за здравство Венко Филипче на Сител.

– Се подготвувавме согласно сите препораки, од сите соодветни здравствени меѓународни институции, СЗО, производителите. Така го димензиониравме нашиот систем. Едноставно, го надградивме постоечкиот систем на имунизација. Низ неколку фази на едукација целосно се едуцирани, тренирани докторите и медицинските сестри коишто ќе работат на вакцинацијата. Целосно е поставена инфраструктурата и подготвени се пунктовите – истакна Филипче.

Филипче информираше дека во текот на следната недела се очекува да пристигнат и другите количини од Србија, а според последните информации од производителот, поради тамошните празници до крај на месецов треба да пристигнат и кинеските вакцини во земјата. Согласно планот, дневно ќе се вакцинираат помеѓи 2 и 4 илјади.

Засега нема потреба од нови мерки или рестрикции

„Ја следиме состојбата во Скопје и другите градови ги следиме како посебни епидемиолошки региони, застапеноста на британскиот сој на вирусот расте, сега е некаде околу 20 отсто, најмногу во Прилеп и Охрид. Во тие центри не приметуваме зголемување на бројот на пациенти. Точно е и тоа е утврдено дека полесно се пренесува, според некои публикации можно е болеста да е полесна, според некои други публикации е потешка, тоа не може сè уште со точност да го утврдиме. Кај нас има 30-тина детектирани соеви на вирусот, од близу 1000 ширум светот. Ние, засега не регистрираме дека има влошување на епидемиолошката ситуација и затоа сме внимателни. Секогаш апелираме граѓаните да ги почитуваат мерките, сега е тоа од посебно големо значење“, рече Филипче во интервју за Сител.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 97.456, бројката на оздравени пациенти е 88.301, на починати е 3.003, а бројот на активни случаи изнесува 6.152.

Слични содржини