Општина Аеродром поднесе кривична, а градоначалникот Марин граѓанска пријава до портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ

од Nikola Popovski
249 прегледи

Општина Аеродром повторно се огласи со соопштение, по вчерашното во кое јасно и недвосмислено го има цитирано, а воедно и негирано лажното обвинение упатено во неколку последователни прес-обраќања на Стоилковски, кое гласи: „за ПР-активности ОА во изминатите три години па до денес нема потрошено ниту еден денар“.

„Значи, еве уште еднаш, затоа што според Стоилковски, во соопштението недостасувале факти: „Општината Аеродром нема трошок на средства за промотивни активности преку агенција за односи со јавност за која обвинува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски!“ Точно е дека е склучен рамковен договор со одредена агенција, но ниту еден денар јавни пари на граѓаните на Општина Аеродром не е даден во промотивни активности преку оваа агенција. Тоа иако на Стоилковски, како и на јавноста им е добро познато, лесно може да се провери од финансиските извештаи на Општината, каде што јасно се гледа дека не постојат трансакции кон агенција за односи со јавност, односно соодветни расходи од ваков карактер.

Во тој контекст, уште еднаш јавно укажуваме дека ние како Општина создаваме проекти што се од интерес на граѓаните и затоа е неопходно жителите да бидат информирани за сите наши активности. Тоа го правиме преку нашата интернет-страница, социјалните мрежи, преку комуникација со медиумите – затоа што создаваме активности што имаат одредена вредност. Тоа што проектите се уникатни за нашата држава, а со тоа и доволно атрактивни за промоција е единствената причина да бидат релативно често објавувани од страна на медиумите.

На Стоилковски може не му е познато делото, но тоа гласи: „Лажно пријавување на кривично дело“, кое може да се гони по службена должност, согласно со член 366 од КЗ, и токму по таа основа е тужбата на Општина Аеродром. А дали градоначалникот, кој е независен орган на Општина Аеродром, ќе упати приватна тужба согласно со Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, тоа е негова приватна работа. Тоа што господинот Стоилковски е жител на Општина Аеродром и плаќа данок не го амнестира, напротив, уште толку го обврзува на конструктивност и поддршка на работата на Општината. Но за жал, немајќи аргументи против работењето на Општината и администрацијата, нему му останува по веќе дефинираниот принцип на неговата партија, да комуницира со јавноста само преку паушални обвинувања, малверзации и обиди, со папагалско повторување, очекувајќи лагите да се претворат во вистина. Но, секако, јавноста е свесна за ваквите манипулативни обиди на опозицијата во врска со конкретните реализирани и најавени проекти на Општината Аеродром. Докажавме, а ќе продолжиме и во оваа насока, да реализираме проекти во интерес на граѓаните. Ефектите се видливи и токму затоа имаме чест да ја предводиме европската агенда во Република Северна Македонија како прва општина со европско знаменце“, стои во најновото соопштение од општина Аеродром.

Слични содржини