Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека заедничките интереси на Турција и Соединетите држави далеку ги надминуваат нивните разлики и тој се залага за поголема соработка со новата американска администрација на претседателот Џо Бајден.
Во видео порака објавена доцна синоќа, Ердоган призна дека турско-американските односи се „сериозно искушение“, но истакна дека нивното стратешко партнерство „надминало разни видови на тешкотии“.
Неговиот помирлив тон следеше по остри обвинувања дека САД ги поддржуваат курдските милитанти. Обвинувањата се појавија неколку дена откако турската војска ги пронајде телата на 13 турски заложници што ги држеше Работничката партија на Курдистан (ПКК) во пештерски комплекс во северен Ирак.
Анкара беше револтирана од поддршката на САД за борците против сириските Курди во борбата против Исламската држава, сметајќи дека тие се поврзани со децениското курдско востание во југоисточна Турција.
Ердоган синоќа изјави дека Соединетите држави не и ја даваат на Турција посакуваната поддршка и солидарност во борбата против ПКК и сродните групи и побара јасен став од турските сојузници.
Тој исто така го повтори незадоволството што Фетулах Ѓулен, имам обвинет од турските власти за организирање на обидот за државен удар во 2016 година, сè уште живее во САД.Турција бара екстрадиција на Ѓулен,но тој негира каква било поврзаност со обидот за пуч.
„Веруваме дека нашите заеднички интереси со Америка далеку ги надминуваат нашите разлики“, рече Ердоган и додаде дека сака да ги зајакне односите преку долгорочна перспектива заснована на победата на двете страни.
Видео пораката на Ердоган беше емитувана за време на лансирањето на турската телевизија во САД.