Што ќе открие Трамп на последниот ден од февруари?

од Nikola Popovski
182 прегледи

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се очекува да ја претстави својата визија за иднината на Републиканската партија и одлуката за кандидатурата за претстојните претседателски избори за време на неговото обраќање на последниот ден од Конференцијата за конзервативна политичка акција, што ќе се одржи од 25 до 28 февруари.

Неговите соборци изјавиле за Аксиос дека Трамп ќе се претстави на таа конференција како најверојатен претседателски кандидат од редовите на републиканците на изборите во 2024 година.

Според анонимниот долгорочен советник, претстојниот говор на Трамп ќе биде покажување сила, а пораката што тој тврди дека има намера да ја испрати е: „Можеби немам Твитер или Овална канцеларија, но сепак сум главен“.

Во меѓувреме, поранешниот советник на поранешниот претседател Џејсон Милер изјави дека самиот Трамп е републиканска партија и дека кога некој ќе го нападне, тоа е напад врз републиканците.

Аксиос сугерира дека советниците на Трамп се подготвени да се состанат со него оваа недела за да разговараат за неговите следни политички потези.

За време на викендот, Џејсон Милер изјави за „Њузмакс“ дека Трамп ќе зборува на Конференцијата за иднината на Републиканската партија и бројните научени лекции во 2020 година.

„Видовме дека претседателот Трамп донесе рекорден број афро-американски и латиноамерикански гласачи во Републиканската партија, повеќе отколку што видовме во модерната историја на партијата. Ние мора да ги задржиме тие гласачи “, рече поранешниот советник.

Поранешната советничка на изборниот штаб на Трамп, Лара Трамп, смета дека претстојниот говор на поранешниот претседател ќе содржи и „голема благодарност“ до неговите поддржувачи.

Таа рече дека поранешниот претседател навести дури и можност за повторно кандидирање за четири години.

„Тој е на чело на Републиканската партија и навистина е личност кон која сите ќе продолжат да се обраќаат за да им се помогне. Овој човек ја смени политиката и тој ја смени нашата партија“, рекла Лара Трамп.

Трамп, пак, беше дискретен кога станува збор за неговите намери повторно да се кандидира за претседател во 2024 година, велејќи минатата недела дека е рано да се зборува за тоа, додавајќи дека видел многу сјајни анкети.