Постојат две групи на луѓе: оние за кои појадокот е најважниот дел од денот и оние кои редовно го избегнуваат.
Но, овој прв оброк во текот на денот (и што ќе одлучите да јадете за време на истиот) всушност може да има големо влијание врз целокупното здравје. Покрај тоа, се чини дека лошите утрински навики можат дури и да го скратат животот со зголемување на ризикот од хронични болести.
1. Прескокнување на појадокот може да влијае врз вашиот метаболизам
Ако го прескокнете појадокот, тоа може да влијае на вашата тежина. Студија од февруари 2020 година објавена во Journal of Clinical Endocrinology & Metabolism покажа дека учесниците кои јаделе обилен појадок (наместо обилна вечера) согорувале скоро двојно повеќе калории во текот на денот. Оние кои појадувале, исто така, имале пониско ниво на шеќер во крвта и инсулин. Студијата исто така открила дека учесниците кои јаделе нискокалоричен (наместо калоричен) појадок имале поизразено чувство на глад. Сите овие ефекти се поврзани со дебелината, што според истражувањата на NIH може да го намали очекуваното траење на животот за 14 години.
2. Сланината може да го зголеми ризикот од рак на дебелото црево
Мирисот на крчкањето на сланина во тавата е еден од најдобрите мириси што можете да ги почувствувате за време на појадокот. Но, студија од февруари 2020 година објавена во International Journal of Epidemiology покажа дека јадењето само едно парче сланина на ден (околу 25 грама) го зголемува ризикот од рак на дебелото црево за 20 отсто. Студијата следеше скоро половина милион возрасни лица во Велика Британија на возраст од 40 до 69 години во текот на пет години.
3. Ако пиете сок за време на појадок, тоа може да го зголеми ризикот од дијабетес тип 2
Студија од септември 2019 година објавена во списанието Diabetes Care покажа дека зголемувањето на внесот на 100 отсто овошни сокови за половина чаша или повеќе на ден го зголемува ризикот од дијабетес, седмата водечка причина за смртност во САД, за 16 отсто. Наместо тоа, истражувачите предлагаат да ги замените соковите со цели парчиња овошје што содржат многу повеќе влакна.
4. Пиењето сок од грејпфрут може да влијае на ефективноста на вашите лекови
Ако сте љубител на свежо исцеден сок од грејпфрут што сакате да го пиете со појадок, бидете внимателни и размислете да ја прескокнете таа навика. Особено ако земате лекови. На пример, Администрацијата за храна и лекови забележува дека сокот од грејпфрут може да влијае на ефикасноста на одредени лекови, како што се лекови за намалување на холестерол и лекови за намалување на крвниот притисок.
5. Прераното пиење кафе може да влијае на регулирање на шеќерот во крвта
Студија на Универзитетот во Бат од октомври 2020 година откри дека ако пиењето црно кафе е првото нешто што го правите наутро, тоа може негативно да влијае на контролата на гликозата во крвта, факторите на ризик за дијабетес и срцевите заболувања – двете главни причини за смрт во Америка.
6. Ако прескокнете појадок, тоа може да влијае на здравјето на вашето срце
Студија од април 2019 година, објавена во American College of Cardiology, опфатила 6.550 возрасни лица во САД и открила дека оние кои прескокнуваат појадок имаат 87 отсто поголем ризик да починат од кардиоваскуларни болести отколку оние кои појадувале. Имено, прескокнувањето на појадокот може да доведе до зголемено ниво на холестерол и висок крвен притисок, пишува Eat This, Not That.