Кинеското Министерство за надворешни работи денеска негираше дека на американските дипломати во таа земја им биле земани анални брисеви на Ковид-19, откако медиумите објавија дека некои американски дипломати се пожалиле на оваа постапка, пренесува „Ројтерс“.
„Колку што ми е познато, од американскиот дипломатски персонал стациониран во Кина никогаш не било побарано да им биде земен анален брис за тест на Ковид 19“, соопшти портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Зао Лиџијан на денешната прес-конференција, наведе агенцијата.
„Ројтерс“ пренесува дека американската медиумска онлајн платформа „Вајс“, во средата цитирала официјален претставник на Стејт департментот дека ваквиот тест бил направен по грешка и дека Кина соопштила дека ќе престане да користи брисеви за тестирање на американски дипломати.