Гејтс прими втора доза на вакцина и откри дали ќе продолжи да носи маска

од Vladimir Zorba
425 прегледи

Дали масовната вакцинација навистина ќе ги врати нашите животи во нормала или сепак ќе мора да носиме маски и да држиме дистанца некое време? Одговорот на ова прашање во моментов е непознат и само времето ќе покаже како ќе се развие состојбата со коронавирусот дури и откако многумина ќе примат вакцина. Она што е сигурно сега е дека, дури и да се вакцинирате, сепак мора да се придржувате до епидемиолошките мерки и да носите маска.

За вакцинациите и маските како гостин во сè попопуларната апликација „Клабхаус“ зборуваше и Бил Гејтс, кој прими втора доза на вакцина против коронавирус. Тој предупреди дека и оние кои ќе се вакцинираат можат да го пренесат вирусот, па затоа тој ќе продолжи да носи маска „за да даде добар пример“.

Сепак, тој верува дека светлината на крајот од тунелот се гледа и дека за неколку месеци мерките ќе можат да се олеснат и луѓето конечно да се релаксираат малку и да живеат послободно. Ова може да се случи кон крајот на пролетта или почетокот на летото, но треба да се има предвид дека Гејтс зборува за состојбата во САД, која, кога станува збор за вакцинацијата, е многу подобра од ситуацијата во Европа, пишува „Зимо“.

Тој сè уште има намера да продолжи да ја носи маската, особено во близина на постари лица кои не биле вакцинирани. Тој вели дека носењето маска и онака не е страшна работа и има намера да ја носи за време на есента, односно додека стапката на инфекција не се намали значително. Во споредба со некои други експерти, Бил Гејтс е прилично оптимист, бидејќи неодамна главниот медицински советник во Белата куќа, Ентони Фаучи рече дека Американците можеби ќе мора да носат маски не само во текот на 2021 година, туку и во текот на целата 2022 година.

Секако, имајќи предвид дека коронавирусот, односно ситуацијата околу неговото ширење, се покажа како доста непредвидлива, денес е навистина тешко да се дадат некои предвидувања за тоа што ќе се случи за неколку месеци, а камоли за една година. Што се однесува до Соединетите држави, доколку нема проблеми, сите приоритетни групи треба да се вакцинираат до мај или јуни, по што ќе дојде ред на помладите луѓе без некои хронични болести, а до јули треба да има доволно дози вакцини за околу 300 милиони луѓе.

Слични содржини