По 20 години имаме попис: Први попишани се затворениците

од Nikola Popovski
144 прегледи

По 20 години и еден неуспешен обид, Македонија ја стартува најмасовната статистичка операција.Спроведувањето на првата фаза од пописот започна, со 171 затвореник од казнено поправната установа Куманово.

Според првиот човек на Заводот за статистика пописот е неминовен за развој на државава.

„Најголемата санкција за сите нас е да немаме доволен фонд на информации, еве 20 години речиси немаме попис поголема санкција од тоа има ли за сите нас. Значи јас ги охрабрувам не е проблемот некој да се казни, проблемот е да ги собереме податоците, бидејќи тие се потреби за сите граѓани во оваа држава, ако сакаме развој на оваа земја, а тој развој се прави исклучиво ако имате информации, денеска најскапата работа во светот е информацијата, навремена, точна и квалитетна информација“, изјави директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.

Министерот за правда Бојан Маричиќ кој заедно со Симовски го посетија затворот во Куманово, уверува дека сите дискусии околу пописот завршиле минатата недела со верификацијата на Евростат дека попишувањето ќе било согласно сите стандарди.

„Сакам да упатам порака до политичките партии и фактори да се обединат и да испратат порака граѓаните активно да учествуваат во пописот затоа што тоа е во интерес на сите“, порача Маричиќ.

Првиот ден од пописот ВМРО-ДПМНЕ го искористи повторно да обвини дека власта спроведува политичка операција, потсетувајќи на иницијативата која ја водат во моментов.

“ВМРО-ДПМНЕ заедно со граѓаните за само 8 дена собра 100 илјади потписи за нешто помалку од вкупно 24 часа. И покрај бројните опструкции од власта, само 24 часа во 8 дена, 100 илјади граѓани го дадоа својот потпис за вистински и европски попис, спротивен на оној кој сака да го организира власта на насилен начин, со политичка цел“, изјавија од најголемата опозициска партија.

Доколку се обезбедат попишувачите кои одат на терен, пописот треба да започне на 1 а да заврши на 21 април. Граѓаните ќе добиваат три сет прашања, а оној кој нема да биде во својот дом повеќе од два пати ќе добие известување да се јави во својата општина за да биде попишан.

Слични содржини