Директорот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави денес дека е жално што помлади и поздрави луѓе во некои богати земји се вакцинирани пред ранливите здравствени работници во земјите во развој.
Тој на прес-конференцијата рече дека, благодарение на напорите на програмата на ОН Ковакс, вакцинацијата започнала во Гана и Брегот на Слоновата Коска, но жали што тоа се случува дури по три месеци по почетокот на имунизацијата во некои други земји, како Велика Британија, САД и Канада.
Тедрос рече дека за првпат во седум недели, бројот на случаи на ковид-19 ширум светот се зголеми минатата недела, што е разочарувачко, но не изненадува.
СЗО работи на подобро разбирање зошто е зголемен бројот на заболени и сите индиции покажуваат дека главната причина е олеснување на мерките, рече тој.