Во овој момент Светската здравствена организација (СЗО) не им препорачува на земјите да воведат посебни сертификати за лица кои биле вакцинирани против корона, изјави претставничката на таа организација во Русија, Мелита Вујновиќ.
„СЗО изјави дека во моментов не препорачува вакви пасоши, но секако, земјите одат по свој пат, сите се обидуваат да овозможат поголема мобилност на населението, а СЗО ќе соработува со сите земји кои се заинтересирани за тоа. Во одреден момент, Организацијата ќе даде свои препораки во врска со тоа што треба да содржи таков (ковид) пасош “, рекла Вујновиќ за телевизијата „Русија 24“.
Да потсетиме, германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека лидерите на Европската унија се согласиле за неопходноста од воведување на сертификат за вакцинација.
Шефицата на Европската комисија (ЕК), Урсуна фон дер Лајен, објави дека ЕК планира да претстави нацрт-закон за електронски пасоши за вакцинација во март, што ќе овозможи евидентирање на вакцините, резултатите од тестовите на Ковид-19 или фактот дека едно лице го прележало вирусот.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека воведувањето на ковид-пасоши на територијата на Европската унија би било спротивно на принципот на доброволна вакцинација.