Во соработка со Министерството за образование, Македонската Радио Телевизија, Францускиот институт во Скопје и ТВ5МОНД, емисијата “7 дена на планетата” ќе се емитува на Македонската Радио Телевизија, од 5 март 2021, а потоа и секој петок со почеток од 12ч30.
Неделен магазин за актуелни теми кои ги опфаќаат најважните настани на седмицата, емисијата “7 дена на планетата” овозможува учење на францускиот јазик преку информирање за новостите во светот и истата ќе биде емитувана со превод на македонски јазик.
Одредени делови од емисијата се дидактизирани според нивоата на Европската референтна рамка за јазиците и придружени со многубројни педагошки ресурси за професорите по француски јазик и учениците, достапни на сајтот на ТВ5 МОНД http://www.tv5monde.com/
Професорите по француски јазик во С. Македонија, со поддршка на Францускиот институт во Скопје, веќе следеа вебинар за користење и употреба на овие педагошки ресурси на час.
Добитничка на многубројни награди и признанија за најиновативни педагошки методи во изучувањето и наставата на странските јазици, меѓу кои и “Европски Бренд за Јазиците” и “Бренд над брендовите”, оваа исклучителна и бесплатна програма, поддржана од Министерството на Европа и надворешни работи/Француски институт, Меѓународната Организација на Франкофонијата и Универзитетската Агенција за Франкофонијата, отсега е достапна и за професорите и учениците во С. Македонија, земја полноправна членка на Меѓународната Организација на Франкофонијата од 2006.
Оваа активност има за цел, во овој период на пандемија, да го придружи и поддржи учењето на далечина на францускиот јазик за голем број ученици во земјава.