Швајцарците одлучија: Забрането е носење бурки на јавни места

од Vladimir Zorba
463 прегледи

Швајцарците гласаа на референдум за забрана за носење бурка во ресторани, продавници и други јавни места

Повеќе од 52 проценти од гласачите гласаа за забраната што ја разбранува јавноста. Ова беше решено во 19 од 22 кантони во кои гласовите беа преброени до недела попладне. Швајцарија има вкупно 26 кантони.

Забраната е заведена во уставот и ќе се применува во ресторани, продавници и јавни места. Слични закони веќе постојат во Австрија, Холандија и Франција.

На хартија, забраната генерално се однесува на покривање на лице, што значи и за фудбалски хулигани, но законот беше предложен од десничарска, антиисламска група која не ја криеше својата вистинска намера, пишува агенцијата ДПА.

Пред една деценија, истата група, Егеркингенскиот комитет, застана зад референдумот за забрана за изградба на нови минариња.

Нејзините критичари ја обвинуваат за промовирање на исламофобија и тврдат дека забраните за облека не треба да постојат во слободното општество.

Се проценува дека муслиманите сочинуваат 5,3 проценти од населението во Швајцарија.

Европскиот суд за човекови права донесе одлука во 2014 година дека ваквите забрани не ги кршат правата на лицата за слобода на вероисповед или изразување.

Швајцарците, исто така, во неделата гласаа за создавање дигитална лична карта, која тие ја отфрлија и договор за слободна трговија со Индонезија со кој се намалија тарифите за одржливо произведено палмино масло, што тие го прифатија.

Слични содржини