Дамите од политичката фела: Женската упорност и одлучност полека го менуваат светот

од Берта Китинска
626 прегледи

Иако во политичкиoт „ринг“ понекогаш се жестоки противнички во ставовите, сепак 8-ми март, за македонските политичарки е денот кога треба преку јавни настани и мирни протести да се прати јасна порака за правата на жените.

За тоа дали е подобрена позицијата на жените во македонското општество како најправилно да го прославиме Денот на жената „Локално“ празнично поразговара со неколку дами од македонската политичка сцена.

-Македонското општество, независно дали ќе признаеме или не, се уште е конзервативно во одредена мера и се уште се чувствува духот на патријахалното општество. Тоа не треба да биде сфатено во смисла дека “жената мора да биде домаќинка и да чува деца”, се разбира далеку од тоа, но не можеме да тврдиме дека позицијата на жените е еднаква со позицијата на мажите, вели пратеничката, Моника Зајкова од редовите на ЛДП.

Според неа едниот од начините на кои можеме да ја подобриме позицијата на жената е преку актуелизирање на прашањето во јавноста, секој ден и од сите, не само од жените и не само на 8-ми март.

-Секој од нас треба да биде пример за сите мали девојчиња и момчиња во процесот на запознавање со нивните права и всадување на идејата за родова еднаквост и рамноправност. Уште од најрана возраст треба да ги обликуваме младите умови полиберално, да ги научиме дека и “девојчињата играат фудбал” и дека “мажите играат балет”. Во тој поглед, мислам дека фокусот треба да биде ставен на децата воопшто, бидејќи борбата за рамноправност не е ниту на мажите, ниту на жените- таа е заедничка за сите, и тоа е она кон што треба да се стреми секој од нас. Едукацијата од рана возраст е неопходна за конечно да не се делиме на посилен и послаб пол, вели Зајкова.

За актуелната пратеничка од СДСМ, Славјанка Петровска работите во општеството полека се менуваат благодарение на одлучноста на жените.

-Ако се вратиме години наназад, ќе се потсетиме на состојба т.н „машки свет“ во кој раководните позиции како да беа „резервирани“ исклучиво за припадниците на машкиот пол. Денес, тоа е променето и тоа е благодарение на одлучноста на жените да го промениме светот, на подобро се разбира. Многу често, нас жените знаат да не окарактеризираат како тврдоглави, ама јас би рекла дека ние сме одлучни и упорни, и токму затоа состојбата се подобрува. Секако, не запираме тука, затоа што подобрувањето на состојбата не значи да се задоволиме со донесување на закони со кои се подобрува нашата позиција, туку многу повеќе, а тоа е да почувствуваме дека нештата се менуваат, вели Петровска.

Пратеничката додава дека е среќна што темата за позицијата на жената во македонското општество не се гледа само низ призмата на состојбата во политиката туку  и организациите кои го третираат ова прашање преку своите активности, особено они е кои ги насочуваат кон положбата на работничките во фабриките, самохраните мајки, жените кои се жртви на трговија со луѓе.

Според Иванка Василевска од  ВМРО-ДПМНЕ, балканските стереотипи се уште се традиционални во однос на половата нееднаквост во македонското општество и за жал, се уште имаат влијание врз статусот на македонската жена.

-Потребата за поголема визибилност на женските права, се уште останува на нивото на декларативност, додека во реалноста, жената го нема еднаквиот третман во однос на машкиот пол. Ова најдобро можеме да го видиме врз основа на податоците за семејното насилство, кое меѓу другото, покрај економската зависност, неможноста најчесто самостојно жената во Македонија да се профилира во професионална смисла, е поврзано и со сфаќањата за тоа дека секоја постапка може да се стигматизира и да биде квалификувана како неморална, неприфатлива и срамна. На тој начин, општеството се движи мошне бавно, а брзиот начин на живот и лошите општествено-политички состојби, влијаат врз покривањето и маргинализирањето на жената и женските права, објаснува  Василевска.

Таа сметам дека она на што треба да се работи е пред се подигнувањето на степенот на образование, како и покренување на свеста за сопствените права, демаскирање на мизогинијата и лесното етикетирање, како и на зајакнувањето на институциите на системот,за  кои смета дека треба да бидат особено ригорозни кога станува збор за превенцијата од семејното насилство, говорот на омраза и групите за линчување на жените по примерот на т.н. Јавна соба.

Лидерката на „Дом“, Маја Морачанин објаснува дека е важно да се потенцира унапредувањето на правата на жените како човекови права, во интерес не само на жените туку на целото општество.

-Неколку аспекти кои сметам дека се клучни за унапредување на правата на жените и родовата еднаквост се: зголемено учество во политиката, економско јакнење и надминување на стереотипите и предрасудите за жените. Неопходно е да се зголеми бројот на жени кои учествуваат во процесите на носење одлуки. Економската независност е предуслов за зголемена моќ на жените, како и важен фактор во спречување и заштита од родово базирано и семејно насилство. Горда сум што во изминатите четири години како пратеничка учествував во носењето на важни закони од аспект на правата на жените, Законот за ратификација на Истанбулската конвенција, Законот за прекин на бременост, Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, вели Морачанин.

И Морачанин  го дели истото мислење како своите колешки дека за ефикасна борба против предрасудите, стереотипите, говорот на омраза и дискриминацијата на жените клучна улога има воспитно-образовниот процес, содржините во наставните програми и учебниците, почнувајќи од предучилишното, па се до високото образование.

Јавни настани со гласни пораки

На прашањето како е најправилно да се одбележи празникот на жената 8-ми март, пратеничките велат дека борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите, е најдобро да се прослави со организирање на јавни настани на кои би се испратила гласна порака за нула толеранција за дискриминација, говор на омраза и насилство врз жените

-Постојат многу начини како да се прослави 8-ми март, едни одбираат да им подарат цвеќе, други организираат маршови за женските права, за трети е изговор да се соберат колешките од работа или пријателките и да се оди во кафеана.Сметам дека 8-ми март, како ден кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите, е најдобро да се прослави со организирање на јавни настани од едукативен карактер во однос на борбата на жените за нивните права, јавни дебати, интервјуа на успешни жени кои ќе ги споделат своите приказни во јавноста па дури и издвојување на “жена на годината” која направила особен придонес за македонското општество. Само така ќе ги мотивираме и едуцираме помладите за родовата рамноправност, објаснува Зајкова.

Таа вели дека токму на овој дена на своите пријателките знае често да им подари нешто или да им испратам порака за дневна мотивација.

-Подарувам честитки и за 8-ми март затоа што сметам дека тоа е еден убав гест за секоја жена да се почувствува сакано и почитувано, а впрочем и секогаш вниманието годи за оваа прилика, вели младата пратеничка.

Петровска предлага овој ден жените да го поминат читајќи убава книга во друштво со чаша црвено вино.

-Сигурно не во кафеана и качени на маса. Да не бидам погрешно разбрана, сакам седенки, убава музика и добри пријатели, но не на 8ми март. Тоа е ден кога можеме да прочитаме убава книга посветена на самосвеста и спознавањето на моќта да се биде жена. Секако, нека биде во друштво со чаша црвено вино, па и некое парче чоколадо, вели пратеничката од СДСМ.

За тоа дали подарува и го честита овој празник таа вели дека праќа честики, но најсреќна е кога подарува букет свежо цвеќе бидејќи тоа има посебна симболика за неа.

– До пред 4 години, пред да почине мојата мајка, секој 8ми март ми почнуваше така, со букет цвеќе, специјално за неа. И денес убавите букети ме потсетуваат на неа и на тоа што таа ме научи, да бидам храбра, одлучна и своја, но пред се, секогаш да бидам ЖЕНА, објаснува Петровска.

Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, смета дека овој ден треба да се прослави преку организираме јавни трибини, дебати и мирни протести.

– 8-ми Март е меѓународен ден кој ја чествува борбата за работничките права на жените. Како специјален ден за улогата на работната жена и нејзините права, преку борбата на Клара Цеткин, Роза Луксембург и многу други храбри жени во минатото, ние треба да организираме јавни трибини, дебати и мирни протести со кои ќе се потсетиме за причините поради кои го одбележуваме овој датум, но и на еден достоинствен начин да ги потсетиме и мажите за нашата свесност и присуство. Не сум поборник на кафеански еднородови прослави, на декларативни и форматирани подароци или на пауза помеѓу два дена терор во семејството, оти било 8-ми Март!, вели Василевска .

Таа вели дека на овој ден подарува цвеќе и дека традиционално со нејзиното семејство оди на ручек кај својата свекрва  д-р Лукија Дамовска.

Морачанин смета дека на овој ден треба да им се оддаде почит и на сите знајни и незнајни хероини кои се бореле за правата на жените и да се испрати пратиме гласна порака за нула толеранција за дискриминација, говор на омраза и насилство врз жените.

-Јас и овој 8 Март, како и изминатите години ќе го одбележам со учество на протестен марш. Овој пат, по повод случајот “Јавна соба”, ќе испратиме апел до надлежните институции за санкционирање на сторителите на насилство врз жените, објаснува лидерката на „Дом“.

Таа смета дека одбележувањето на меѓународниот ден на жената, со прослави во кафеани и подароци, ја банализира суштината и значењето на празникот.

Б.М./А.В.

Слични содржини