Пратеничките одговараат: Подготвена ли е С.Македонија да има жена премиер?

од Берта Китинска
815 прегледи

По повод Меѓународниот ден на жената, 8-ми март „Локално“ ги праша дамите од македонската политичка фела дали нашата земја е подготвена да има жена премиер и дали за женските права треба да се борат исклучиво жените.

Пратеничката Иванка Василевска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во нашиот разговорот објасни дека во земјава има многу способни и успешни жени, но се сомневам дека нашето општество е подготвено за да има жена премиер.

– Се сомневам дека во фаза кога се уште разговараме за законски утврдени квоти за партиципација на жените во македонската политика е реално да се каже дека сме спремни како општество за таков чекор. Лично, сметам дека е убава цел и нешто за што ќе треба да се избориме во иднина. Овој чекор би бил поверојатен кога би ви кажала дека сме избрале жена деканка на Правниот факултет „Јустинијан Први“, бидејќи во својата историја, ниедна жена до сега ја немала таа улога, а сме имале и имаме исклучително способни и успешни професорки. Секако и во мојата втора институција, во македонското Собрание, би требало да можеме да се избориме и наскоро да добиеме жена за претседател. Ова се однесува и на многу други институции во Македонија, каде иако е јасно дека има многу способни и успешни жени, се уште преовладуваат мажите, вели професорката.

Лидерката на „ДОМ“, Маја Морачанин смета дека земјава и покрaј напредоко се уште е далеку од постигнување на родова еднаквост.

– Да! Секогаш кога станува збор за жена на висока политичка функција го среќаваме ова прашање, што не е случај кога се однесува за маж.Во изминатите 30 години, од осамостојувањето Македонија немала жена претседателка, премиерка или претседателка на Собранието, што покажува дека и покрај напредокот, се уште сме далеку од постигнување родова еднаквост, вели Морачанин.

Младата пратеничка од редовите на ЛДП, Моника Зајкова се надева дека во иднина ќе имаме прва жена премиерка која ќе се носи со сите предизвици.

-Кога политичките партии ќе предложат жена кандидатка за премиер, а граѓаните ќе ја изгласаат тогаш ќе говориме дека сме рамноправни во политичкиот живот со мажите. Според мене жената како премиерка може да се носи со сите предизвици, да одговори на сите важни прашања, да раководи со државата, да направи тотална промена во општеството, да ги охрабри младите, да даде придонес за мирен живот на повозрасните, да учествува во поттикнување на младинското претприемништво и бизниси, да овозможи напредок во секоја сфера на општественото живеење и да придонесе да Северна Македонија биде земја каде сите заедници би ги уживале сите права и во која никој нема да се чувствува дискриминиран. Сигурна сум дека еден ден ова ќе е реалност и ќе имаме прва жена премиерка на земјава, објаснува Зајкова.

За Славјанка Петровска од СДСМ, жената премиер треба да биде прифатена и препознаена по своите способности од страна на граѓаните.

-Ако е вистинската, ако умее да се соочи да предизвиците и граѓаните сами да ја препознаат без наметнување, тогаш да. Ако е жена само заради тоа да биде прва жена премиер, а без притоа да е подготвена и прифатена, тогаш не, вели Петровска.

Оптимизмот и желбата за промени е најголемиот мотив за политичарките

Василевска смета дека нејзиниот успех се должи на вербата во доброто која и ја дава силата и оптимизмот да биде сигурна дека на крајот се ќе биде добро.

– Идеалот за слободна, суверена, демократска и независна Република Македонија била, е и ќе биде мојот најсилен мотив да работам постојано на своето напредување и во духовна и во општествено-политичка смисла. Како професорка, ја имам можноста да работам со млади умови кои ќе живеат во еден свет во иднина кој е многу поразличен од оној во кој јас се градев. Тоа од мене бара да бидам во постојана умствена кондиција и да се трудам да ги разберам потребите кои им се неопходни како би биле поспремни за животот кој ќе го живеат. Истото е и во политиката, да бидете принципиелни и да гледате подалеку од онаму до каде ви досега погледот е голем поттик за постојаната борба со просечноста, мрзеливоста и повторно ќе кажам со стереотипите и нивните негативни влијанија врз жените. Верувам во проактивното дејствување и во континуираното рушење на бариерите и сакам тој баланс да го наметнам во услови на огромните животни разочарувања, турбуленции и препреки со кои се соочуваме како општество. Верата во доброто ми ја дава силата и оптимизмот да бидам сигурна дека на крајот се ќе биде добро, вели пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ.

Морачанин вели дека како лекарската, така и пратеничката професија, ја радува и мотивира и преку нив може да придонес за поздрав и поквалитетен живот.

-Правата на жените е тема која отсекогаш ме интересираше. Желбата да придонесам за унапредување на родовата еднаквост беше и мотивот активно да се вклучам во политичкиот живот. Како докторка, здравјето на луѓето, за мене е врвен приоритет. Бидејќи човековите права и здравата животна средина се едни од темелните зелени вредности, природно е што зелената идеологија е дел од мојот светоглед.Како во лекарската, така и сега во пратеничката професија, ме радува и мотивира мојот придонес за поздрав и поквалитетен живот. Задоволството од успешно завршениот процес на носење закон кој ќе им овозможи посреќна иднина на луѓето, ми влева енергија да продолжам да се борам со следните предизвици, објаснува лидерката на „ДОМ“.

Пратеничката од ЛДП вели дека најголема мотивација за да влезе во политичките води било да го спречи иселувањето на голем број малди лица од земјава.

-Има многу работи кои ме мотивираат за успех во работата. Од една страна се целите кои сум ги поставила, а од друга страна луѓето кои ми даваат мотив за нивно исполнување (како најголем мотиватор овде ќе го споменам татко ми од кого научив никогаш да не се откажувам од она што го сакам или кон кое се стремам). Најголема мотивација пак за влез во политиката беше лутината од иселувањето на голем број пријатели надвор и желбата тоа да се спречи односно да обезбедиме подобар животен стандард дома, но исто така и тоа да бидам пример за секоја жена во земјата дека со упорност, храброст и самоувереност ништо не е недостижно, вели Зајкова.

За Петровска мотив е искрената насмевка за која вели дека е одраз на психичката состојбакоја открива дали сме задоволни од промените кои се случуваат.

-Искрена насмевка. Можеби звучи наивно, но насмевката кажува многу. Таа е одраз на нашата психичка состојба, но зборува и за тоа дали сме или не сме задоволни од промените кои се случуваат. Јас сум непоправлив оптимист, не затоа што не ја согледувам реалноста, туку затоа што сакам да ја променам. Кога секој од нас ќе го работи најдобро тоа што го знае, насмевките ќе бидат почести и поискрени. Иако се уште не сум мајка, ама слабост ми се детските насмевки, најмоќното оружје од кое не знам како да се заштитам, објаснува Петревска.

Сите треба да се борат за женските права

– Борбата за женските права на жените работнички беше во минатото поддржана од освестени мажи. Тоа важи до ден денес. Без взаемна почит и без поддршка од страна на машкиот пол, не е возможно да се случи било какво напредување во оваа сфера. Со подигнувањето на свеста за взаемната поврзаност, ни ние без нив, ни тие без нас, не е возможно да се дојде до напредок кој ќе ги поврзе нашите цели кон посуштинско интегрирање на жената во македонското општество и секако во политиката, објаснува Василевска од ВМРО-ДПМНЕ.

Морачанин вели дека од унапредувањето на родовата еднаквост придобивки ќе имаат не само жените, туку и мажите.

-Сите треба да се бориме за женските права! Ме радува што се повеќе мажи, особено од помладите генерации, го прифаќаат и поддржуваат концептот на родова еднаквост. Од унапредувањето на родовата еднаквост придобивки имаат не само жените, туку и мажите, целото општество. Нема прогрес наопштеството доколку нема можности да се реализира потенцијалот на половина од популацијата, вели Морачанин.

Зајкова смета дека во 21-ви век, не можеме да зборуваме за женска или машка борба.

-Мажите и жените, односно сите заедно треба да се бориме за женските права, како и за правата на секој граѓанин/ка. Фактот дека сме жени е повеќе од доволен за да бидеме еднакво вклучени во сите општествени процеси.Да се каже дека за женските права и за рамноправноста треба да се борат само жените е исто како да се каже дека еден татко не би сакал да ја види својата ќерка како идна пратеничка, претседателка, премиерка, успешна бизнисменка.Токму и затоа не треба да зборуваме за “женски права”, туку едноставно за права кои ги уживаат подеднакво и мажите и жените.Време е за се она што го ставаме на хартија, да заживее во реалноста.Дефинитивно идејата за родова еднаквост и рамноправност помеѓу мажите и жените треба од “идеја” да е “реализација“.Сите заедно, да направиме чекор напред во обликувањето на општествениот менталитет и свест, а со тоа да креираме едно подобро, полиберално општество во кое сите ќе бидат еднакви без оглед на пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, верско или политичко уверување, религија, социјално потекло, образование, семејна или брачна состојба или било која друга основа, објаснува пратеничката од ЛДП.

Според Петровска подобрувањето на положбата на жената во општеството не е прашање само жените.

– Ако се борат само жени тоа значи дека не сме успеале во борбата. Подобрувањето на положбата на жената не е прашање само за жените, тоа е општествена тема и од резултатот кој заедно ќе го постигнеме ќе зависи успехот и на државата, вели таа.

Б.М.

 

Слични содржини