Стоилковски: Рашковски набавил софтвер за систем за кој што и самиот патентирал софтвер и хардвер

од Берта Китинска
348 прегледи

Драги Рашковски, поранешен генерален секретар на владата на Зоран Заев, во јануари годинава јавно објави диплома на Фејсбук. Дипломата, наградата за Драги Рашковски е златен медал од „Глобален Форум за Иновации“ во Кипар за негова иновација во областа на транспортот и сообраќајот, а наградениот проект на Рашковски е токму „Сообраќаен контролен систем за возила и апарати, определување на просечна брзина и казни“, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

– Според кусото експозе напишано од Рашковски при конкурирањето, а објавено на страната на Форумот, Рашковски е иноватор на интегриран систем од хардвер и од софтвер, за мерење на просечната брзина на возила, работи на соларна енергија, а е поврзан со ГПС. Системот ги чита и следи табличките на возилата, ја мери просечната брзина, по што системот генерира казни за сопственикот на возилото. На пополнетото експозе при конкурирање стои датум февруари 2020 година. Внесен е и бројот со којшто е патентирана иновацијата, со дата на патентирање од 14 март 2018 година, со целосно поседување на правата на Драги Рашковски. Драги Рашковски од позиција генерален секретар на Владата, од ноември 2019 година, до февруари 2020 година, води процедура за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци, односно за софтвер за систем за автоматско генерирање на казни за сообраќајни прекршоци. Да потсетам, тоа е систем со исти цели за каков што Драги Рашковски има добиено златен медал за иновација – рече Стоилковски.

Драги Рашковски, додаде тој, прави набавка, плаќа софтвер за МВР во февруари, а набавката сè уште не се користи и според најавите и нема воопшто да се користи.

– Драги Рашковски за јавност самиот објаснува дека биле потребни законски измени и сега, година дена по набавката, да се испитала компатибилноста на набавениот софтвер на Драги Рашковски, со поставените камери до системот „Паметен град“. Зоран Заев, близок на Драги Рашковски, ја отфрли секоја можност за сомнеж кон Рашковски. Но, фактите се јасни. Драги Рашковски, од позиција на генерален секретар на Владата на Зоран Заев, наместо МВР, набавил софтвер за систем за кој што и самиот е иноватор со патентирано решение од 2018 година. Избраното и платено решение од Рашковски не се користи, самиот укажува на непроверена компатибилност пред набавката. Драги Рашковски и самиот е иноватор на софтвер и на хардвер за исти цели за што и ја направил набавката како генерален секртетар на Владата на Зоран Заев. Зоран Заев го амнестираше Драги Рашковски неговиот близок, за оваа набавка. Македонија тоне во корупција на највисоко ниво и ќе продолжи да тоне се додека е Зоран Заев премиер. Зоран Заев го штити криминалот, ја штити корупцијата и отфрла пред фактите однапред било каков сомнеж кон неговите соработници како Драги Рашковски. На Рашковски ова му најмалку втор огромен коруптивен скандал по „Леонардо“, за кој што нема разрешница. Заев во јавноста веќе го амнестираше Драги Рашковски – рече Стоилковски.

 

Слични содржини