Заев и Рашковски се спомнуваат во објаснувањето зошто Црногорецот Давидовиќ се најде на новата американска црна листа

од Nikola Popovski

Канцеларијата за контрола на средствата и имотот на странци при Министерството за финансии на САД (OFAC) додаде уште десет поединци и компании од Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина на листата на санкционирани од Западен Балкан за корупција и злонамерни активности во корист на Русија.

Интересно е што на листата од Црна Гора има уште двајца нови – Бранислав Миќуновиќ и Миодраг „Дака“ Давидовиќ, во чиј контекст се спомнуваат и имињата на поранешниот премиер Зоран Заев и поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.

-Миодраг „Дака“ Давидовиќ со децении перел пари за криминални синдикати, зајакнувајќи го своето влијание и вршејќи го својот криминален потфат на шверц со цигари, нафта и оружје во Црна Гора. Неговите коруптивни активности ги овозможија напорите на Русија да ја компромитира независноста на демократските институции и судството во земјата, вклучително и нејзините напори да влијае на изборните резултати. Тој беше вмешан и во скандалот што доведе до апсење на генералниот секретар на Владата на Северна Македонија, Драги Рашковски, главен советник на поранешниот премиер на Северна Македонија, Зоран Заев. Рашковски наводно примил поткуп од Давидовиќ за да има средба со премиерот Заев за да ги унапреди бизнис интересите на Давидовиќ. Од 1991 до 1992 година, Давидовиќ беше министер за трговија во владата на самопрогласениот Српски автономен регион (ДЗР) на БиХ, стои во одлуката на Американското министерство.

Дополнително, Давидовиќ е означен како одговорен или соучесник или директно или индиректно вклучен во акции или политики кои го загрозуваат мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на која било област или држава на Западен Балкан.

Давидовиќ е еден од најголемите донатори на Српската православна црква, поради што доби и неколку награди. Неколку години раководел со Железарницата во Никшиќ.

Иако повремено имал политички амбиции во Црна Гора, Давидовиќ претежно живеел во Белград, од каде што ги раководел своите работи.

Во делот за Македонија, беше соопштено дека на црната листа се додадени Ратка Куноска-Камчева, мајка на бизнисменот Јордан „Орце“ Камчев, како и рускиот бизнисмен со македонско државјанство, Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина Самсоненко.

Сите тројца, според извештајот на Министерството за финансии на САД, се поврзани со Јордан Камчев. Тој е ставен на црната листа на САД на 19 јули годинава, како еден од лицата кои ја поткопуваат или загрозуваат стабилноста на Западен Балкан преку корупција или друго дестабилизирачко однесување.

Агенцијата за контрола при американското Министерство за финансии сега стави и неколку компании поврзани со Камчев и брачната двојка Самсоненко на ажурираната „црна листа“.

Слични содржини