Случајот со родилката на која ѝ беа отстранети бубрег, матка и јајници, Лекарската комора го затвори, а според извештајот кој го објави Патологија, а пренесе Телма телевизија, на Јилдз Веапоска ѝ се извадени здрави органи. Веапоска тврди оти без да бидат прашани таа и нејзиниот сопруг, д-р Мухамед Асани ги испратил бубрегот и матката на анализа на Патологија.
Вчера, Министерството за здравство објави дека немало пропуст во работењето на директорот Асани. Пациентката била соодветно примена, а лекарската екипа навремено регирала кога се појавиле првите знаци на влошување. Комората и денеска не го дава извештајот, но преку соопштение се правда за сопствената одлука. Велат комората е составена од стручни лекари кои не биле ни вештаци, ни истражители.
„Органите се вадени на 31 август, и зошто се пуштени на 4 септември. Што чекале тие толку денови. Се сомневам дека чекале 5 дена да поминат оние критични часови за тоа дали ќе умреш или ќе живееш. Органите се здрави и прави. Нека излезат и нека кажат зошто се извадени тие органи здрави, ако нема лекарска грешка“, изјавила Веапоска за Телма.
За неколку медиуми оштетената родилка вчера изјави дека е разочарана од ваквиот Извештај и дека бара да и се одговори каде завршиле органите кои и биле извадени по породувањето.
По нејзиното сведоштво веднаш по операцијата и пријава до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, во куќата на лекарот Мухамед Асани, инаку член на Лекарската Комора, беше откриена гинеколошка ординација без документација, односно гинеколошка ординација во која четири жени со нотарски изјави тврдеа дека Асани ги прегледувал и им ја следел бременоста изминатите години.