„Стручниот надзор на Лекарската комора спроведен за гинекологот и директорот на струшката болница, покажале дека немало пропуст во лекарската интервенција кога на родилката и беа отстранети матката, бубрегот и јајникот“, изјави вечерва Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
Според неа, министерот Венко Филипче кој едвај може да се нарече министер, а уште помалку министер за здравство само ладнокрвно ја потврдил ваквата информација.
„Од Лекарската комора наведуваат дека од моментот на приемот до моментот на исписот пациентката е третирана согласно постоечките медицински норми и стандарди. Па, би било сосема легитимно да прашаме дали според вас постоечките медицински норми и стандарди всушност значат сторување на тешки дела против здравјето на луѓето каде родилка оди на породување, а заминува без три органи? На 10 Февруари кажав дека ова ќе бидат дела за кои ќе слушнеме само дека истрагата е започната, одговорноста можеби ќе се лоцира само врз извршителите, а директно одговорните за спречување на вакви дела ќе ги гледаме како ладнокрвно ни велат „да го почекаме извештајот”. Сум погрешила само за едно нешто, кога сум споменала дека одговорноста МОЖЕБИ ќе се лоцира“, истакна Митева.
Детали за родилката и зошто остана без три од своите органи нема ни по второто соопштение од Лекарската комора. Од таму прстот го вперуваат кон Министерството за здравство.
Оттаму велат дека немаат надлежност да вршат реконструкција и вештачење на настани туку единствено ја проверуваат медицинската документација која ја поседуваат докторите. Топката ја префрлаат кон Министерството за здравство.
„Извештајот кој го подготвува Комисијата согласно Законот исклучиво се доставува до министерот за здравство во чија надлежност е носење решение. Законот за здравствена заштита исто така дозволува министерот за здравство да формира комисија за вршење на стручен надзор на работата на здравствените установи и здравствените работници и соработници“, велат од Комората.
Од Министерството за здравство на чело со министерот Венко Филипче вчера соопштија дека немало пропуст во работењето на дирекоторот Асани, иако родилката Јилдз Веапоска по пораѓањето остана без два органи.
„Органите се вадени на 31 август, и зошто се пуштени на 4 септември. Што чекале тие толку денови. Се сомневам дека чекале 5 дена да поминат оние критични часови за тоа дали ќе умреш или ќе живееш. Органите се здрави и прави. Нека излезат и нека кажат зошто се извадени тие органи здрави, ако нема лекарска грешка“, изјави Веапоска за „Телма“.