Бајден: Вакцини за сите Американци до 1 мај

од Берта Китинска
253 прегледи

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден синоќа во своето обраќање изјави дека ќе им даде наредба на американските држави сите возрасни граѓани да имаат можност да се вакцинираат против ковид-19, до 1 мај.

Во говорот по повод годишнината од пандемијата, емитуван на националната телевизија, Бајден рече дека работи на забрзување на вакцинацијата против ковид-19 за создавање поголемо чувство на нормалност во земјата до 4 јули, кога Американците го слават Денот на независноста, пренесува гласот на Америка.

Бајден ги повика Американците да бидат внимателни и да продолжат да се чуваат од вирусот, а тоа го стори неколку часа откако го потпиша законот за пакетот помош за погодените од пандемијата, во износ од 1.900 милијарди долари.

Денот на независноста на 4 јули е нова цел за претседателот, кој ги предупреди граѓаните дека претстојат повеќе страдања и повеќе смртни случаи од вирусот, бидејќи повеќе од 530 000 луѓе починаа во САД – повеќе од која било друга земја.

Милиони луѓе останаа без работа поради затворање и други ограничувања.

“Фотографиите и видеата од 2019 година изгледаат како да се снимени некое друго време. Минатиот летен одмор. Последен роденден со пријателите. Последен одмор со роднини. Додека сите имаа различни искуства, сите изгубивме нешто”, рече Бајден, сеќавајќи се на жртвите земени од пандемијата.

Тој потсети дека „сериозноста на вирусот беше запоставена и негирана со денови, потоа со недели, па со месеци, што доведе до нови смртни случаи, нови инфекции, нов стрес и осаменост“.

Сепак, бидејќи финансиската помош ослободена со новиот закон достигнува сè поголем број на вакцинирани лица, Бајден понуди претпазлив оптимизам на земја која, како и остатокот од светот, е уморна од пандемски ограничувања и економски проблеми.