Мини ТВ-серијата наречена „Семејство“, која ги следи последните 48 часа од животот на членовите на семејството Милошевиќ, ќе биде достапна на 29 март на ТВ-каналите на Суперстар и РТС.
Серијата „Семејство“, која се состои од пет епизоди, е драматично толкување на реални настани. Таа се заснова на досега познати факти, автентични снимки, јавно достапни информации и сведоштва на оние кои биле присутни. Некои ликови се измислени, а некои сцени се резултат на претпоставки, креативна обработка и уметничка слобода.
Под опсада на полицијата, новинарите и демонстрантите, семејството Милошевиќ и нивните пријатели и соработници се наоѓаат во вила „Мир“ на Дедиње, без никаква контрола врз ситуацијата, а непредвидливите човечки реакции почнуваат да излегуваат на површина.
– Оваа серија ја надминува политиката и се занимава со човечките судбини на четиричлено семејство, кое никогаш не веруваше дека може да се случи вакво нешто и кои реагираат непредвидливо, инстинктивно и човечки – рече сценаристот и режисер Бојан Вулетиќ и додаде: „Ова е приказна за почеток на крајот на едно семејство, една земја и една епоха. Последните вообичаени моменти што ова семејство ќе ги доживее во слобода и моментот на опсада на нивната куќа претставуваат метафора и трагедија не само за себе, туку и за целата земја и народот“.