Церемонијата на прогласување на добитникот на наградата „Цезар“, француски еквивалент на Оскар, се претвори во повик за култура за време на пандемијата на коронавирус, а една актерка се соблече на подиумот за да го сврти вниманието на долгото затворање на кината и театри.
Актерката Корин Масиеро требаше да ја додели наградата за најдобар костим, а таа беше облечена во магарешки костум со тампони како обетки.
Масиеро (57) потоа го соблече тој костум, а потоа и фустан навидум натопен во крв и ги покажа пораките испишани на нејзиното тело. На предната страна пишуваше „Нема култура, нема иднина“, а на задната страна стоеше пораката „Вратете ни ја нашата култура, Жанин“, упатена до премиерот Жан Кастекс.
Публиката аплаудираше, но на социјалните мрежи се појави критика за прибегнување кон вулгарност.
Минатогодишната церемонија за доделување на наградата Цезар беше, исто така, контроверзна, поради протестот на движењето #MeToo и други организации на жени, откако Роман Полански ја доби наградата за најдобар режисер за филмот „Офицер и шпион“.
Полански, кој веќе е на потерница во САД за силување малолетничка во 1977 година, беше обвинет од друга жена во 2019 година за силување во 1975 година. Познатиот режисер ги отфрла овие обвинувања.