Пратеничката од редовите на СДСМ, Даниела Маркоска, во своето денешно обраќање ја обвини опозициската ВМРО ДПМНЕ за нанесување штета на здравствениот систем , но потенцира дека за нивното однесување ќе бидат казнети на изборите кои следуваат.
„Една година светот и државата се соочуваат со пандемија од коронавирусот.
За целиот овој период граѓаните видоа силна посветеност на Владата, на инситуциите и здравствениот систем во борбата против коронавирусот.
Но, за истиот период, граѓаните видоа и деструктивно, незрело однесување од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски.
Уште од самиот почеток од пандемијата, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски застанаа на страната на вирусот, правеа и се уште прават се за да му наштетат на здравствениот систем.
Први велеа дека короната не постои, дека е алиби на СДСМ за одлагање на изборите. Потоа Мицкоски лажеше дека немало доволно тестови, дека немало заштитна опрема за здравствените работници.
ВМРО-ДПМНЕ прво се противеше на воведувањето вонредна состојба, а потоа бараше нејзино продолжување во недоглед.
Во меѓувреме, Мицкоски беше прв што кршеше мерки, одеше по фитнес центри и делови на ресторани кои не смееја да работат.
Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Вело Марковски, велеше дека вирусот не постои дека маските не се потребни и ги поттикнуваше граѓаните да ги кршат мерките.
Преку својата заменичка министерка за финансии во преодната Влада, ВМРО-ДПМНЕ кочеше заем од Светска банка за поставување на нови модуларни ковид центри низ државата.
Денес, оваа партија предводена од губитникот Мицкоски шири лажни документи со лажни цени со цел да го поткопа процесот за набавка на вакцини против коронавирусот.
Истовремено, ВМРО-ДПМНЕ со 2.000 амандмани го кочи процесот за изградба на нов Клинички центар во Ѓорче Петров, прв што ќе се гради во државата по цели 80 години.
Ете колку ВМРО-ДПМНЕ се грижи за јавното здравје и за здравствениот систем. Овој однос на ВМРО-ДПМНЕ е на штета на граѓаните и јавното здравје.
Се додека ВМРО-ДПМНЕ се однесува деструктивно, незрело и неодговорно, се додека пратениците ги исполнуваат хировите на Мицкоски, оваа партија ќе биде поразувана од граѓаните и ќе биде во опозиција“, вели Маркоска во своето обраќање.