Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на аудио снимката, која се појави во јавноста во период кога во тек беа партиските преговори за Законот за јавно обвинителство, на осудениот во досието „Рекет“, Зоран Милевски Кичеец, му зборува за неговите лични односи со Орце Камчев.
„Кога дојдов во партијата немав ништо платено, сметки за струја, парно, кабелска, а он ми подаде рака и јас тоа многу го почитувам“- му зборува Мицкоски за Камчев, на својот соговорник Милевски. Потоа, во продолжение на нивниот разговор Мицкоски потврдува дека тој е единствениот што се бори против Законот за Јавно обвинителство, закон преку кој предметите на СЈО ќе се трансферираат во Јавното обвинителство.
„Ако се донесе законот, ваков каков што е, тогаш предметите на Камчев ќе останат. Јас сум единствениот што се борам против законот.“- коментира Мицкоски.
Од оваа аудио снимка јасно се потврдува релацијата на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски со бизнисменот Орце Камчев. Дополнително нивниот однос се потврди и со фактот дека Камчев во суд го бранеше Тони Менкиновски од правната комисија на ВМРО ДПМНЕ.
Токму адвокатот Менкиновски беше дел од преговарачкиот тим на ВМРО ДПМНЕ и го застапуваше ставот предметите на СЈО наместо да бидат трансферирани во ЈО, да се затворат и за нив да нема судења. Со таквиот став на Менкиновски и на ВМРО ДПМНЕ се бранеше и Камчев од криминалот во предметите „Плацеви на Водно“ и „Империја“.
Со оглед дека истрагата за првиот предмет е во финална фаза и наскоро ќе има обвинение, а надлежните институции имале информација од Агенцијата за национална безбедност дека Камчев спрема бегство од државата, Јавното обвинителство побара, а судот му определи мерка притвор од 30 дена.