Потврдено каде се наоѓа Навални, тој тврди дека е префрлен во концентрационен логор

од Stefanija Kuzmanovska
334 прегледи

На Инстаграм профилот на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, денес беше потврдено дека тој се наоѓа во затворот во местото Покров, во Владимирската област, познат по строгиот режим, и на 190 километри северо-источно од Москва.

Точната локација на Навални не беше позната откако неговиот правен тим минатата недела објави дека е преместен од затворот во Колчугин и дека не им било кажано каде е однесен, пренесе „Ројтерс“.

Адвокатката на Навални, Олга Михаилова, за ТАСС изјави денес дека Навални се наоѓа во поправниот дом ИК-2 во Покров, каде што бил пренесен на издржување на казната.

– Го посетивме Навални во ИК-2. Да, тој е таму – потврди Михаилова.

Денес, Навални ја осуди казнената установа во која беше преместен, наведувајќи дека изгледа како „концентрационен логор“.

„Морам да признаам дека рускиот затворски систем успеа да ме изненади. Не мислев дека може да се изгради концентрационен логор на 100 километри од Москва“, напиша Навални на својот Инстаграм профил.

 

Слични содржини