Заев: Ако кинеските вакцини се здрави за граѓаните на Кина, здрави се и за нас

од Nikola Popovski
363 прегледи

Премиерот Зоран Заев денес истакна дека до крајот на март ги очекува следните вакцини, со кои ќе бидат опфатени наредните групи на граѓани.

„Лично се надевам дека дополнително ќе ни помогне кинеската Амбасада и нашите врски со Кина, за да може тие 200.000 вакцини, кои се нарачани, потпишани протоколи  да стигнат до крајот на месецот. Затоа што го чекаме и во посета кинескиот министер за одбрана, па би било сходно да направат дополнителни напори да стигнат вакцините од Кина“, истакна Заев.

Премиерот со одговор дека ставот на здравствените работници, но и на политичкиот врв е дека сите вакцини, кои се потврдени од соодветните здравствени институции се, како што вели, здрави.

„Ако кинеските вакцини се здрави за граѓаните на Кина, се здрави и за нас, исто така и руските, исто така и европските, исто така и американските вакцини. Впрочем ние имаме нарачано од сите вакцини, а она што досега го знам е дека таа тема на дебата за „АстраЗенека“ е веќе отсранета, иако во поново време пак се појавува во некоја земја. Европската здравствена институција за лекови треба денеска или утре да има став за тоа. Така што нема да се дозволи во нашата земја ништо што е барем со промил ризик да биде употребено“, вели Заев.

По новинарско прашање околу тоа дали вакцината на АстраЗенека ќе се употребува во Македонија и покрај тоа што некои европски земји привремено ја стопираа имунизацијата, министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција посочи дека во Македонија ќе се користат само вакцини кои што се безбедни.

„Сигурно дека во земјава ќе се користат вакцини кои што се безбедни и проверени, согласно препораките на официјалните институции“, посочи Филипче.

Тој додаде дека во оваа смисла апсолутно нема проблем лично да се вакцинира со вакцината на АстраЗенека.

Инаку, шефот на Светската здравствена организација вчера истакна дека експертите на агенција за безбедност на вакцини ќе се состанат денеска за да разговараат за вакцината на АстраЗенека.

Слични содржини