Шон Бредли, поранешна sвезда на НБА лигата и еден од најдобрите блокери во историјата на најсилното кошаркарско натпреварување во светот, остана парализиран по сообраќајна несреќа.
На 20 јануари, додека возел велосипед во градот Сент Џорџ, во американската држава Јута, Бредли го удрил автомобил од позади. Иако повредите не биле опасни по живот, ‘рбетот претрпел огромна штета, како резултат на што некогаш првиот блокер на НБА остана парализиран.
Изминатите осум недели ги поминал во рехабилитација, а лекарите, како што пренесуваат американските медиуми, му рекоа дека „ќе се соочи со многу потешка физичка борба од најтешките пред-сезонски подготовки во НБА“.
Бредли, кој е висок 228 сантиметри, пристигна во НБА во 1993 година, кога беше избран од Филаделфија 76-ерс за втор пик на драфтот, но поголемиот дел од својата кариера го помина во дресот на Далас Маверикс, за кој играше од 1997 година до 2005 година.
Ја заврши кариерата како 15-ти најдобар блокер во историјата на лигата со 2.119 „рампи“.
„Тажни сме од информацијата дека Шон имал несреќа. Тој секогаш беше исклучително решен и покажуваше борбеност. Му посакуваме ништо помалку од најдоброто во закрепнувањето. Тој секогаш ќе биде дел од семејството Маверикс“, изјави Марк Кубан, првиот човек на Далас.
Бредли е роден во Германија во 1972 година, па играше за оваа репрезентација на меѓународно ниво, заедно со Дирк Новицки.