Пратеникот од „Левица“, Димитар Апасиев кој е еден од подносителите на иницијативата до Уставниот суд за Законот за јазиците објасни дека не може да се објави Закон без потпис на претседателот на Републиката и дека во таков случај, се иницира постапка за импичмент што во случајов не е сторено.
– Прашањето е многу едноставно, дали може да се објави или не може да се објави закон без потпис на претседателот. Значи прашањето треба да се сведе на фактичко прашање, да се утврди дали има или нема потпис и потоа да се пресуди. За тоа на Уставниот суд му требаат две години така што прашањето е многу едноставно, дали претседателот на Собранието смее или не смее да објави закон без потпис од претседателот – изјави Апасиев.
Според него, тоа што уставните судии треба да се одважат, е само да го поништат Законот. Додаде дака вакви закони уставните судии до сега имаат поништувано во ситуација кога биле кредибилни уставни судии.
– Тоа е случајот во 1998 година, за Законот за употреба на знамињата, кога Тито Петковски стави два потписа. Во овој случај нема ни два потписа, тука има фуснота наместо потпис од заменик генерален секретар на Собранието што е невиден нонсенс во компаративното уставно право. Таков случај не постои ниту во праксата ниту во теоријата – рече Апасиев.
Тој појасни дека Левица од позиција на власт нема да го почитува овој Закон бидејќи, како што рече, не е закон.
-Тоа е само објавено парче хартија и ќе спроведе кривичен прогон против оној што го објавил тој директорот на Службен весник, за кривично дело саботажа. Мислам дека намерно е одолговлекувана, евидентна е тенденцијата, меѓутоа ние ќе ја коментираме, ќе ја почекаме најпрво одлуката, бидејќи денес нема да одлучат, ова е само подготвителна седница – додаде Апасиев.