„Директорот на струшката болница, Мухамед Асани, е разрешен. Нема компромиси кога е во прашање здравјето на граѓаните“, објави вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски.
Тој наведе дека директно бил вклучен и бил во постојана координација со надлежниот инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој веднаш ги презел сите мерки што се во нивна надлежност.
„Инспекторатот изврши вонреден надзор, и по констатирањето дека во домот на Асани има дива гинеколошка ординација веднаш му издаде решение за забрана за вршење на здравствена дејност.
Следен чекор на ДСЗИ беше поднесување на пријава за кривична одговорност во Основното јавно обвинителство Струга, за што во тек е истражна постапка.
Владата ќе продолжи да работи на механизми и системски мерки за расчистување на сите случаи, во интерес на сите граѓани.
Државата е тука за граѓаните. Законите важат за сите подеднакво!“, објави Николовски на Фејсбук.
Случајот за Асани го пријави пациентка од Дебар, која при породувањето со царски рез кој го вршел Асани во струшката болница остана без матка, јајник и бубрег, а докторот целата бременост ѝ ја водел во дивата ординација дома.