Повеќето луѓе кои се заразиле со коронавирус се заштитени најмалку шест месеци од повторна инфекција, според најновата студија. Но, постарите луѓе имаат поголема веројатност повторно да се заразат со вирусот отколку кај помладата популација.
Студија објавена од престижното медицинско списание „Лансет“ открива дека само 0,65 проценти од луѓето по втор пат биле позитивни на Ковид-19, откако претходно биле заразени за време на првиот и вториот бран на пандемијата во Данска. Тоа е многу пониско од 3,27 проценти, колку што имаше позитивни на вирусот по користењето на многу попрецизни ПЦР-тестови, а откако тие претходно беа негативни на таканаречениот брз тест.
Сепак, студијата открива дека оние над 65 години имаат само 47 проценти заштита од повторна инфекција, во споредба со 80 проценти заштита за помладите луѓе.
– Нашата студија го потврди она што многу други го сугерираа: повторна инфекција на вирусот е поретка кај помлади, здрави луѓе отколку кај постари лица кои имаат поголем ризик од повторна инфекција. Бидејќи е поверојатно дека постарите лица ќе имаат посериозни симптоми на болеста, како и смрт, нашите откритија појаснуваат колку е важно да се применуваат мерки за заштита на старите лица за време на пандемија – рече Стин Ителберг, од данскиот „Статенс Серум Институт“.
Авторите на студијата не откриле дека заштитата од повторна инфекција се намалува во текот на шест месеци од болеста, но тие истакнуваат дека се потребни дополнителни истражувања за да се утврди заштита од повторна инфекција во различни варијанти на вирусот.
Податоците кои беа предмет на анализа беа собрани со помош на данската национална стратегија за тестирање, во рамките на која беа тестирани 69 проценти од населението, или четири милиони луѓе, во текот на 2020 година.
Коментирајќи ги резултатите, професорите од лондонскиот Империјал Колеџ, Розмари Бојтон и Ден Алтман, изјавија дека резултатите покажале посиромашна заштита и се позагрижувачки отколку што беа откриени во претходните истражувања
– Овие податоци потврдуваат, доколку е воопшто потребно, дека можеби нема да можеме да ги исполниме очекувањата за стекнување на заштитен имунитет од коронавирус преку природна инфекција и дека трајно решение е глобална програма за вакцинација со високо ефективни вакцини – наведуваат авторите во статијата поврзана на ова истражување, исто така објавено во истото списание.