Според последните податоци од 2020 година на IQAir, организација која што има за цел да овозможи пристап на навремени информации за квалитетот на воздухот, Скопје се наоѓа 380-то место во светот.
За целите на конкретниот извештај, IQAir го споредува нивото на ПМ 2.5 во воздухот. Овие честички се значајни за загадувањето на воздухот а се мерат и со скопските државни мерни станици, покрај останатите кои го определуваат квалитетот на воздухот. Оваа платформа ги мери и останатите вредности но заради „тежината“ на овие суспендирани честички, на кои им се препишуваат бројни смртни случаи, овој годишен извештај се темели и споредува само податоци за нивото на ПМ 2.5 во воздухот. Според рангирањето на IQAir, воздухот во Скопје е умерено загаден, како што можеме да видиме и од нивната градација, соопштуваат од Град Скопје.
Доколку се земат превид само главите градови, Скопје се наоѓа на 17-то место оваа година но, и со тоа се бележи подобрување. Во 2018 година, од кога излегува ваквиот извештај, Скопје бил на 16-то место, а има позитивен тренд не само на позицијата на која што се наоѓа главниот град на РСМ туку и на намалување на номиналната вредности на нивото на ПМ 2.5 честички во воздухот.
Ако во 2018 година, во Скопје се измерени 34.0 µg/m³ ПМ 2.5 честички, оваа бројка во 2019 паѓа на 32.4 µg/m³ ПМ 2.5 во воздухот а во 2020 имаме 30.6 µg/m³.
Како што објавил The Guardian во текст во 2012 година нивото на ПМ 2.5 честички во Скопје бил дури 45 µg/m³. Што значи дека од 2012 до 2018 година има пад од 24,5% на нивото на ПМ 2.5 честички, додека секоја година, од тогаш има намалување на вредноста за 5, односно 5,5%.
„Континуираниот пад на параметрите за загадување е охрабрувачки во насока на продолжување со имплементацијата на донесените политики за заштита и подобрување на квалитетот на животот во нашиот главен град“, велат од Градот.