На инфективните оддели во Скопје и во болниците во другите градови се лекуваат 1289 пациенти со Ковид-19. Има околу 300 празни болнички кревети во ковид – центрите, соопшти Министерството за здравство.
Во изминатите 24 часа во ковид – центрите во Скопје се хоспитализирани 84 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 543 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.
Во ковид – центрите во болниците во другите градови во изминатите 24 часа е пријавено дека се лекуваат вкупно 746 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.
Поради зголемениот број на пациенти кои имаат потреба од хоспитализација во Скопје отворен е и ковид – центарот на Клиниката за пластична хирургија. Во последното деноноќие, на Интерните и хируршки клиники имало 46 приеми. Во ковид – центарот во ГОБ „8 Септември” имало 24 примени пациенти и седум биле примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле биле примени шест нови пациенти.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 56 оздравени пациенти.
Во моментов во ковид – центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекуваат 255 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември” има вкупно 114 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 133 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 34 пациенти. На ГАК има седум хоспитализирани ковид позитивни пациентки.
Бројот на приеми во изминативе денови е зголемен и утрово до 8 часот имало 60 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 78 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 56 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 30 пациенти, во Велес се лекуваат 65 болен, а во Куманово 108 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид – центарот во Охрид се хоспитализирани 92 пациенти, во Прилеп 117, во ковид – центарот во Гостивар 30, а во Струга 20 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 45 пациент, во Кочани осум, во Кичево 10, Кавадарци 70, а во Гевгелија 17 лица, позитивни и суспектни на коронавирусот.
Во текот на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени, стои во соопштението.