ЕУ ѝ се закани на „АстраЗенека“ со забрана за извоз доколку брзо не ги испорача ветените дози

од Stefanija Kuzmanovska
261 прегледи

Европската комисија објави дека британско-шведската фармацевтска компанија „АстраЗенека“ може да се соочи со забрана за извоз во земјите надвор од ЕУ, доколку брзо не ги испорача ветените дози на вакцини.

„Имаме можност да го забраниме планираниот извоз. Ова е порака за „АстраЗенека“, исполнете го вашиот дел од договорот со Европа, пред да започнете со испорака во други земји“, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен во интервју за германската медиумска групација „Funke“.

Таа рече дека договорот меѓу ЕУ и „АстраЗенека“ јасно регулира колку вакцини ЕУ прима од фабриките на компанијата во рамките на ЕУ и во Велика Британија. Таа додаде дека и покрај тоа, тие не добиле ништо од Британците, додека Унијата ги снабдува со вакцини.

Фон дер Лејен додаде дека Комисијата испратила „официјално потсетување“ до „АстраЗенека“ за ова прашање.

Европската комисија во четвртокот објави дека ќе активира договорна постапка за решавање на конфликтот со „АстраЗенека“, чија испорака на вакцини е значително помала од првично планираното.

Вакцината е една од трите одобрени во ЕУ. Нејзината употреба, сепак, беше нарушена од неколку проблеми, вклучувајќи бавен почеток на испорака, повторно проблеми со испораката и привремена забрана за употреба за неколку дена оваа недела во многу земји на ЕУ, по извештаите за згрутчување на крвта кај некои луѓе кои примиле вакцина.

Повеќето земји продолжија да даваат „АстраЗенека“ повторно во петокот, кога Европската агенција за лекови потврди дека производот е безбеден.

„АстраЗенека“ треба на ЕУ да и испорача 70 милиони од својата вакцина во вториот квартал, значително помалку од 180 милиони дози ветени во договорот потпишан со Унијата, пренесе „Франс Прес“.

Во првиот квартал, ЕУ прими околу 30 милиони дози вакцина „АстраЗенека“, наместо планираните 90 милиони.

Додека американски „Фајзер“ ги решаваше своите тешкотии во производството на вакцини, владее голем сомнеж во европските кругови дека „АстраЗенека“ ги продала истите дози неколку пати и затоа не е во можност да обезбеди испорака во ЕУ, изјави висок претставник на Унијата.

Механизмот за забрана на извоз на вакцини од ЕУ беше користен еднаш, кога Италија го блокираше извозот на 250.000 дози на „АстраЗенека“ во Австралија, повикувајќи се на постојан недостиг на вакцини и доцнења во испораките.

Не сите земји на ЕУ се за забрана на извоз. Земји како Холандија и Белгија, каде што се произведуваат голем дел од вакцините на „АстраЗенека“, повикаа на претпазливост.

Слични содржини