Европската унија во моментов не може да донира вакцини за коронавирус на посиромашните земји, рече во неделата претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен.
„Постои голем притисок врз земјите-членки да набават вакцина за себе“, изјави Фон дер Лејен за „Funke Media Group“.
Но, шефот на ЕК ја нагласи финансиската поддршка на Унијата за иницијативата „COVAX“ и напорите на Светската здравствена организација да обезбеди пристап до вакцините за посиромашните земји.
„Европската унија инвестираше 2,2 милијарди евра во оваа иницијатива. „COVAX“ веќе испорача 30 милиони дози во 52 земји“, рече Фон дер Лејен.
Механизмот што му овозможува на блокот да споделува вакцини директно со другите земји нема да започне „сè додека немаме подобра состојба на производство во ЕУ“, рече шефот на Комисијата.
Лејен гласно се залагаше за обезбедување вакцини за луѓето ширум светот уште во пролетта 2020 година. Но, повеќето дози се испраќаат во богатите земји.