На прес-конференцијата на владиниот портпарол Душко Арсовски со Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика, повторно беше упатен повик до граѓаните кои живеат во странство да земат учество во Пописот 2021, нагласувајќи дека станува збор за едноставен, брз и безбеден статистички процес.
Во однос на активностите во државата, Ѓоргиева соопшти дека викендов заврши дополнителниот конкурс за попишувачи и изрази задоволство од одѕивот, односно пријавени се над 2.600 попишувачи или околу 800 повеќе од потребниот број. Таа истакна дека започнуваат тестирањата, по што ќе се добијат финалните резултати и ќе се изготват решенијата за ангажирање на попишувачите.
На прес-конференцијата е истакнато дека учеството во пописот е можност за секој граѓанин сам да придонесе во креирање на сопствената и заедничката иднина.
„Учеството е задолжително. Кривично се одговара за поттикнување на бојкот на оваа најважна статистичка операција. За тие што ќе одбијат да се попишат ќе биде почната прекршочна постапка, а казните се до 300 евра“, истакна портпаролот Арсовски и посочи дека одложување не е опција.
Во однос на тоа колкав треба да биде бројот на лица кои ќе одбијат да се попишат за податоците да не бидат релевантни Ѓоргиева истакна дека тоа не може да се каже бидејќи, како што рече, ова не е обично статистичко истражување, туку масовна статистичка операција.
„Ние од нашето искуство сметаме дека во текот на самиот попис граѓаните сепак ќе одговорат на прашањата. Точен процент колку проценти од не одговоарање или не одѕивање на пописот би значел успешен или неуспешен попис не може со сигурност да се каже, затоа што едно е обично статистичко истражување, друго е една ваква масовна статистичка операција како што е пописот. Меѓутоа, сметаме дека сепак ќе имаме целосен опфат во текот на пописните активности и дека ќе имаме успешна реализација на оваа активност и на крај релевантни податоци“, рече таа.