Појавата на вакцината против коронарниот вирус Спутник V не само што влијае на здравјето, туку исто така помогна и во решавање на низа социјални и економски проблеми, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин.
„Неговата употреба ни овозможува да решиме огромен број други, навидум неповрзани прашања, вклучително и економијата и социјалната сфера“, рече претседателот на Русија, пренесе ТАСС.
Путин му се заблагодари на директорот на Центарот „Гамалеја“, Денис Логунов, кој ја предводи развојната група Спутник V, како и на вработените во Центарот, за нивната работа и постигнатиот резултат.
Тој рече дека мора да се воспостави сигурен модел на интеракција помеѓу истражувачките центри и индустријата со цел да се заштити населението во Русија од заканите од слични корона вируси.
„Потребен ни е стабилен и сигурен модел кој цврсто ќе ги заштити руските граѓани од веројатните закани со кои се соочивме во врска со ширењето на инфекцијата со вирусот корона“, истакна Путин.
Тој ја поздрави изјавата на директорот на Центарот „Чумаков“, Аидар Ишмухаметов, во врска со добро воспоставената соработка помеѓу истражувачкиот центар и институтите што работат во рамките на Руската академија на науките и индустријата.