Нема нови седници на Собрание, се додека не оздрават пратениците кои имаат ковид и владејачкото мнозинство да комплетира кворум од 61 пратеник.
Собранискиот спикер Талат Џафери ја прекинал понеделничката координација меѓу партиите со образложение дека нема да го крши деловникот, и ја обвинува ВМРО ДПМНЕ за злоупотреба на состојбата со ковид-позитивните пратеници па затоа предлагале, за него, неприфатливи ултиматуми за работа.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, одржа прес-конференција на која образложи што се случило на средбата меѓу координаторите на пратеничките групи со претседателот Талат Џафери.Опозициската ВМРО-ДПМНЕ предложиле на утрешната седница да го поддржат носењето на законите со тоа што ќе бидат на седницата и ќе обезбедат кворум.
Никола Мицевски рече дека економските мерки не биле блокирани од ВМРО-ДПМНЕ, туку од СДСМ и ДУИ, кои го одбиле предлогот.
Од Алијанса и Алтернатива пак, кои со над 30 илјади амандмани ги блокираат сите законски решенија во парламентот додека не се донесе закон за државјанство исто така понудиле да се изнајде компромис со власта.
– Да, вистина е дека за граѓаните доста битна е помошта околу пандемиските случувања, меѓутоа власта знае многу добро дека има категорија на граѓани кои воопшто не користат никаква помош. Ние како албанска опозиција ја прифаќаме таа одговорност дека ќе ги блокираме сите тие закони се додека не излезе законот за државјанство. Имаме контактирано со доста луѓе кои се од бизнис фелата, луѓето целосно ни даваат поддршка иако се во тешка економска и социјална состојба. Тие велат кратко, може да истраат уште месец дена без плати, но затоа сакаат да дадат придонес за граѓаните кои воопшто немаат државјанство, да им се овозможи конкретна помош, рече Скендер Реџепи.
Владата упати апел до пратениците кои ја блокираат работата на Собранието да се повлечат од тој деструктивен начин на дејствување, бидејќи со тоа носат сериозни штети за граѓаните и за државата.
– Блокирани се дел од мерките од четвртиот и петтиот пакет за кои се неопходни законски измени за да се реализираат решенијата за одржливост на економијата, за спас на работните места и спроведување на грижата за никој да не биде изоставен. Во инклузивен процес, со консултација на сите засегнати страни до сега се насочени околу 1 милијарда и 300 милиони евра кон граѓаните и стопанството за да обезбедиме стабилна одржливост на економијата со потенцијал за ревитализација, се наведува во соопштението на владината Прес-служба.