„Денес ќе имаме дискусии со нашите партнери, вклучувајќи ја и ЕУ. Се радувам на можноста да ја истакнам потребата за посилна стратешка соработка помеѓу НАТО и ЕУ, а особено во Западен Балкан, како регион со значајно стратешко значење за двете организации“, објави министерот за надворешни работи, Бујар Османи од седиштето на Алијансата во Брисел, каде денеска се одржа вториот ден од Северно-Атлантскиот Совет на НАТО на ниво на министри за надворешни работи.
Според него, слично на НАТО, перспективата за интеграција во ЕУ може да ја зајакне стабилноста и безбедноста на регионот.
„Не треба да дозволиме каква било амбивалентност да резултира со дивергенција што, исто така, може да се користи и од надворешни актери. Од тука, придружувањето на Западен Балкан кон ЕУ, е од исклучително значење“, истакна Османи.
Една од главните теми на овој министерски состанок, како што соопшти МНР, беше натамошниот развој на иницијативата „НАТО 2030″ и како НАТО да продолжи да се адаптира на промените во однос на безбедноста и растечките закани.
Министрите одлучија на следниот Самит на НАТО да се отвори ново поглавје во трансатлантските односи и да се донесат нови насоки за иднината на Алијансата до и по 2030, како и понатамошното зајакнување на политичката димензија на НАТО вклучувајќи и одржување на консултации.
За време на состанокот беа прифатени и препораките за ажурирање на Стратешкиот концепт на НАТО.
На денешната трета сесија беше нагласена потребата за зајакнување на стратешката соработка меѓу НАТО и ЕУ.