Собранието успеа да најде решение и компромис за деблокада на законите од петтиот пакет антикризни мерки.
Потребата од носењето на законите од петтиот сет мерки беше усвоена со 85, и со 86 гласови „за“ и без „против“ и „воздржан“. Предлог – законите ќе ги разгледа матичната Комисија за финансирање и буџет и Законодавно – правната комисија.
Останатите точки, освен Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба, заради заштита од илегална миграција во услови на пандемија прогласена од Светската здравствена организација, по барање на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски беа повлечени од 36. собраниска седница со 87 гласови „за“, без „против“ и „воздржани“.
За координаторот на пратеничката група Јован Митревски, рече дека ќе го подржат предлогот на ВМРО-ДПМНЕ.
– И благодарам на опозицијата што победи разумот се вратија во салата и заедно ги гласаме, рече Митревски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на својот профил на Фејбук напиша дека е добро што владејачкото мнозинство го прифати предлогот што го дал вчера за приоритетно гласање на четирите закони за помош на стопанството и граѓаните, иако, како што наведува „таа поддршка е мала и до сега недоволна“.
–Се покажа дека власта има мнозинство само да си го продолжи својот мандат, но не и да носи закони за граѓаните. Ова е разликата помеѓу борбата за лични интереси која ја застапуваат борците за провизии од власта, и борбата за интересите на граѓаните на чија страна ќе бидеме секогаш, напиша Мицкоски.