Пендаровски: Членството во НАТО е гаранција дека нема да бидеме сами ако се соочиме со предизвици

од Nikola Popovski
271 прегледи

Патот до членството беше долг и тежок, чекавме 20 години најмногу од сите кандидати во историјата на организацијата, но и покрај сите одлагања не се откажавме затоа што тоа беше и останува наша клучна стратешка цел од независноста до денес, изјави претседателот Стево Пендаровски на денешната свеченост во касарната „Илинден“, по повод одбележувањето една година членство во НАТО.

Тој нагласил дека бевме свесни дека членството во НАТО не е гаранција дека веќе нема да се соочуваме со предизвици, бидејќи се тие неминовни за секоја држава во светот, меѓутоа членството е гаранција дека кога ќе се соочуваме нема да бидеме сами и дека нашата подготвеност за отпор и за одбрана ќе биде мултиплицирана.

– Нашата прва година од членство токму тоа го потврди. Пандемијата која што започна како здравствена криза брзо прерасна во економска,социјална и еколошка криза. Ние и светот претрпевме непроценливи човечки и огромни материјални штети. Се уште е многу рано да се согледаат сите долгорочни последици од оваа несреќа. Но едно е очигледно. Целиот свет живее во епоха на исклучитена непредвидливост, потенцира Пендаровски.

Претходно министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека членството во НАТО, не само што ја смени позицијата на државата на меѓународната политичка и безбедносна арена, туку ја смени и регионалната политичка и безбедносна динамика.