„Разни медиумски рекетари и криминалци денес биле пред мојата куќа и ги вознемириле моите родители во Крива Паланка“, објави синоќа вицепремиерот за корупција и криминал и генералниот секретар на владеачката партија СДСМ, Љупчо Николовски.
Според него, вратата на нивната една и единствена семејна куќа направена 1989 година била и ќе биде отворена секогаш за добронамерници и луѓе на кои им треба поткрепа, помош и поддршка.
„Отворена е за сите. Куќа во која од улица се влегува дома. Нема порта, нема ограда, нема ѕидови а нема ниту една камера ниту пак има полиција. Нема ништо. На секое ѕвоно излегуваат мајка ми или татко ми. За да помогнат за се. Така било а така и ќе биде. Вратата не сме ја заклучиле никогаш затоа што од ништо не се плашиме и ништо не криеме и затоа што постојано мислиме како да направиме добро дело за секој и за сите. Во нашиот двор секој ден мајка ми прави убаво за секој што ќе се најде на нашиот сокак и во нашиот двор. Во нашите има место за чесни, искрени и одговорни луѓе а за тие што се платени да смислуваат лаги и конструкции има други институции и адреси“, стои во објавата на Фејсбук на вицепремиерот.