Делегацијата на ЕУ: Ова е прва во низата испораки на вакцини за Македонија

од Nikola Popovski
344 прегледи

Делегацијата на Европската унија во Македонија ја поздрави испораката на 24.000 дози на вакцини „Астра зенека“ во Македонија. Од таму велат дека ова е прва во низата испораки на вакцини преку механизмот Ковакс за кои Македонија како самофинансирачка земја, платила во целост.

„Европската унија е еден од субјектите кои најмногу имаат придонесено во оваа глобална иницијатива и сме среќни да го видиме тоа на дело преку доставување на ефективни и безбедни вакцини. ЕУ и нејзините земји-членки, дејствувајќи заедно како „Тимот Европа“ придонесе со над 2,2 милијарди евра за Ковакс, вклучително и 1 милијарда евра од буџетот на ЕУ. Тимот Европа му понуди на Ковакс механизмот непосредна финансиска поддршка и моќ за преговори со фармацевтски компании. Оваа непосредна достапност на финансиите е клучна за да се осигура дека вакцините можат да бидат доставени до земјите-членки на Ковакс што е можно побрзо“, се наведува во соопштението.

Од Делегацијата на Европската унија велат дека ЕУ демонстрирала солидарност со Македонија и нејзините граѓани уште од самиот почеток на пандемијата.

„ЕУ мобилизираше повеќе од 220 милиони евра за покривање на набавка на медицински материјали и опрема, поддршка за ранливите групи, деловните субјекти и невработените, како и макро-финансиска помош. Неодамна, ЕУ стави на располагање 70 милиони евра за набавка на вакцини и соодветна опрема за целиот регион на Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија. Ова е дополнение на понудата преку Економскиот и инвестициски план наменет да го поддржи долгорочното закрепнување на економиите на Западен Балкан во вредност до 9 милијарди евра“, се наведува во соопштението.

Слични содржини